Бошњаковски: По државните институции се распределуваат 958 рамковни вработени

149

Вкупно 958 рамковни вработувања треба да бидат распределени по државните институции од кои 50 во МВР, 26 во Јавното обвинителство, 39 во УЈП, 11 во Државниот завод за ревизија, 13 во Агенцијата за вработување, 20 во Министерството за правда,… Постапката е комплексна, дел од овие вработувања се во тек, но треба да е усогласат решенијата, рече денеска владиниот портпарол Миле Бошњаковски, соопштувајќи ги одлуките од вчерашната седница на Владата.

Бошњаковски напомена дека во целиот овој процес многу се внимава на степенот на образование на лицата, како и на нивните вештини. Институциите, нагласи портпаролот со ваквата рамковна распределба само ќе добијат на квалитет.

– Не објавуваме ништо ново. Постапката е објавена пред два месеца кога почна. Списокот на институции во кои ќе се вршат распределбите на рамковните вработувања е доставен до медиумите. Постапката е комплексна, тие луѓе работат, но треба да се усогласат повеќе решенија меѓу повеќе институции. Дел од нив се веќе почнати. Владата на некоја од наредните седници веројатно ќе побара информација до каде се постапката и распределувањето. Кога ќе ги имаме информациите, ќе ги споделиме, рече Бошњаковски одговарајќи на новинарско прашање.

Во врска со вчерашната владина одлука за финансиската поддршка што треба да ја добијат 100 македонски компании, портпаролот укажа дека детали попладнево на прес-конференција во Владата ќе соопштат премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Кочо Анѓушев и министерот за економија Крешник Бектеши.