Бизнис – инфо

86
Фото: Игор Бансколиев

Скопјанка остварила над милијарда денари бруто-приход во 2018 година

Околу 17 милиони евра годишен бруто-приход, или 1 милијарда и 57 милиони денари, пријавила скопјанка за 2018 година и се најде на врвот на листата со највисоки годишни приходи, информираа од Управата за јавни приходи. Тие ја презентираа статистиката за највисоките годишни бруто-приходи пријавени во годишната даночна пријава (ГДП) за 2018 година.
Меѓу првото и второто место, според најголемите приходи, има голема разлика од околу 10 милиони евра. Во првите десет се наоѓаат седум граѓани од Скопје и по еден од Тетово, Струмица и од Гевгелија. Анализата според возраста покажала дека најмладото лице со над милион денари приход има само две години и е родено во 2018 година, а доходот го остварило по основа на дивиденда. На спротивната страна на возрасната анализа, највозрасниот милионер имал 99 години. Во 2018 година, 31 лице пријавиле бруто-приходи поголеми од 100 милиони денари, додека најголемиот дел граѓани, 624 илјади лица, пријавиле помеѓу 100 илјади и 1 милион денари годишен бруто-приход.
Според дејностите, највисоки плати се исплаќале во здравство, трговија со тутунски производи и информатички технологии.

Мерки за поддршка на приватниот сектор

Приватниот сектор треба да биде двигател на економскиот раст во земјава. Затоа економските политики се во насока на поддршка на развој на конкурентноста на приватниот сектор, на поддршка на извозот, инвестиции во нови технологии и подобрување на адекватноста на работната сила на пазарот на труд. Во буџетот за 2020-та се предвидени 6,7 милијарди денари за мерки за поддршка на приватниот сектор. Ова го посочи министерката за финансии Нина Ангеловска, на средбата со бизнис-заедницата во општината Свети Николе.
– Со стопанствениците зборувавме за нивните предизвици, идеи и предлози како сметаат дека може да се подобри нивното работење. Приватниот сектор е клучен за развој на економијата и тој треба да биде двигател ако сакаме побрз економски раст. Во таа насока, ги посочив мерките што стојат на располагање, како поддршка на инвестиции, замена на стара со нова технологија, субвенции за раст на платите. Клучен предизвик е и квалификуваната работна сила. Во буџетот се издвоени 1,3 милијарда денари за вложување во кадрите, за тие да бидат адекватни на пазарот на трудот – рече Ангеловска.