Бизнис – инфо

37

Германската економија стагнирала на крајот на 2019 година

Германската економија стагнирала во четвртото тримесечје во 2019 година поради падот на извозот и намалената лична и јавна потрошувачка, информира статистичката канцеларија „Дестатис“.
Според сезонските, календарските и ценовно приспособените податоци, активностите во најголемата европска економија стагнирале во последните три месеца минатата година во однос на претходното тримесечје.
„Дестатис“ наедно ја зголеми процената на растот во третото тримесечје за 0,1 отстотен бод, на 0,2 отсто.
Тоа значи дека економијата минатата година пораснала 0,6 отсто.

Што се крие зад откажувањето на саемот во Барселона?

Водечкиот светски саем за мобилна индустрија „Мобајл ворлд конгрес“, кој требаше да се одржи во Барселона од 24 до 27 февруари, е откажан од страна на организаторите со објаснување дека постои загриженост поради ширење на болеста ковид-19, попозната како коронавирус, но се шират претпоставки и за други причини.
Станува збор за прво откажување на некој поголем бизнис-саем во Европа, што е објаснето со заштита од ширење на коронавирусот.
Но покрај ова објаснување, голем број телеком-аналитичари во светот не ја отфрлаат можноста причина за откажувањето на саемот да е и големото политичко-економско влијание, па дури и нов облик на војна за пазарот на оваа индустрија.
Индикативно е тоа што истовремено со откажувањето на саемот во Барселона, низ Европа се одржуваат многу други светски саеми, од туристички, на кои сега им е вистинската сезона, до автомобилски, модни, филмски и други, од кои ниту еден не беше откажан поради коронавирусот.

Бугарија контактира со „Тесла“ за изградба на фабрика

Бугарија комуницира со компанијата „Тесла“ заради потенцијално инвестирање на американскиот производител на електрични автомобили во фабрика во оваа земја, јавуваат локалните медиуми.
– Имаме две амбиции: првата е производство на автомобили, а втората производство на батерии за електрични автомобили – изјави бугарскиот министер за економија Емил Караниколов.
Тој додаде дека Бугарија е подготвена да започне производство на делови за автомобили со „Тесла“, но фабриката за производство на автомобили или електрични батерии ќе биде подобра опција.
Бугарија, исто така, се надева дека ќе го привлече и јужнокорејскиот производител на автомобили „Хундаи мотор компани“.