Бизнис – инфо

82

КОГЕЛ со значаен удел во електроенергетскиот систем

Од почетокот на грејната сезона, заклучно со 31 јануари годинава, когенеративната гасна електроцентрала КОГЕЛ има произведено 14.000 мегават-часа електрична енергија и 2.622 мегават-часа топлинска енергија, соопшти АД „Електрани на Македонија“. Оттаму истакнуваат дека од пуштањето во употреба во октомври минатата година, производството во КОГЕЛ се одвива според предвидениот план и во согласност со енергетскиот биланс.

– Значењето на КОГЕЛ како енергетска постројка дојде до израз во јануари, кога во услови на континуирано ниски надворешни температури покажа одлични перформанси и стабилност во производството на електрична и на топлинска енергија. Гасните мотори во КОГЕЛ овозможуваат брзо вклучување во работа и брза синхронизација, што е од исклучителна важност за стабилноста на електроенергетскиот систем – стои во соопштението.

Од овој производствен капацитет, инкорпориран во подружницата „Енергетика“, со парно греење се снабдуваат околу 3.500 домаќинства, 17 основни и средни училишта и градинки, како и повеќе од 75 правни субјекти од населбите Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Хиподром. Додаваат дека се работи на зголемување на корисниците на топлинска енергија, во иднина се очекува поврзување со новоизградените објекти во населбите Хиподром, Бутел и Чаир.


„Нефа мебел“ на лицитација ќе продава заостанат мебел

Фирмата „Нефа мебел“, која е во стечајна постапка, а која продаваше мебел и во Македонија, го понуди на лицитација, односно на продажба заостанатиот мебел, како и опремата од салонот, по вкупна почетна цена од 7,3 милиони динари.
За 1,38 милион денари „Нефа“ продава 70 парчиња мебел, додека опремата од продажните салони, ИТ-опремата и дел од мебелот се понудени за 5,95 милиони динари. Лицитацијата за имотот е закажана за 16 март во Белград.

До впаричување на имотот на стечајниот должник доаѓа по решението за банкрот на „Нефа мебел“, кое беше донесено на почетокот на годинава.
„Нефа мебел“ е српско-руска фирма, која во мај минатата година ги затвори сите продавници во Македонија и во Србија. Произведувач на мебелот што се продаваше во овие салони е руската компанија „Спилит“.
Во Македонија, „Нефа мебел“ имаше десетина продавници во Скопје, Гостивар, Струмица, Велес, Прилеп, Битола и во Тетово.