Бизнис – инфо

63

„Гаспром“ по „Северен тек 2“ се врти кон Азија

Рускиот енергетски гигант „Гаспром“ сака да стане поактивен на пазарите во Азија, по завршувањето на балтичкиот гасовод „Северен тек 2“, соопшти компанијата. Обраќајќи им се на инвеститорите на конференција во Њујорк, водечкиот стратег на компанијата Кирил Полоус нагласи дека „Северен тек 2“ би требало да биде завршен оваа година и покрај американските санкции.
„Северен тек 2“ во моментот се поставува на растојание од 1.200 километри меѓу Германија и Русија преку Балтичко Море. Полоус рече дека со новиот гасовод ќе биде исполнета клучната цел на компанијата за снабдување на европскиот пазар со гас.
Русија неодамна соопшти дека проектот, кој се проценува на 10 милијарди евра, е при крај.

ОПЕК ја намали прогнозата за глобалната побарувачка на нафта

Глобалната побарувачка за нафта ќе расте во 2020 година побавно од очекуваното поради епидемијата на болеста ковид-19, попознат како коронавирус, процени Организацијата на земји-извознички на нафта (ОПЕК).
Побарувачката за нафта од земјите на ОПЕК веќе e за 200 илјади барели дневно помала од она што се очекуваше, се вели во месечниот извештај на картелот.