Бизнис – инфо

81

„Рајанер“ годинава планира дури 45 линии за Хрватска

Водечкиот нискотарифен авиопревозник, ирската компанија „Рајанер“, би требало во 2020 година да има дури 45 линии за Хрватска, а најавено е и повторно поврзување на аеродромот во Осиек.
Хрватскиот министер за туризам Гари Капели, пред извесно време, за „Вечерњи лист“ изјави дека „Рајанер“ во соседните земји на Хрватска довезува најмногу гости, а за поддршка во маркетингот и огласувањето бараат три милиона евра.
– За тој износ ќе преговараме, но веќе јасно им кажав дека без Осиек во пакетот тешко ќе се договориме. На таков начин преговараме и со другите авиопревозници. Не криеме дека ќе ги наградиме и дополнително ќе ги поддржиме сите што ќе бидат подготвени да летаат и за Осиек – наведе хрватскиот министер.

Новиот директор на „Рено“ со годишна плата од речиси шест милиони евра

Новиот директор на „Рено“, Лука де Мео, оваа година ќе добие 5,8 милиони евра во облик на редовни плати и бонуси, што е 57 отсто повеќе од неговиот претходник Тиери Болор. Станува збор за износ на редовната плата со 1,3 милион евра варијабилен труд, во форма на 75.000 акции на „Рено“. Тој дел ќе зависи од неговиот ефект и може да изнесува до 150 отсто од неговата редовна плата.
На новото работно место Де Мео го очекуваат многу предизвици. Меѓу другото, ќе треба да ја реструктурира компанијата, да ги реши предизвиците со кои се соочува францускиот автомобилски гигант и да покаже политички вештини во односите меѓу француската компанија и Владата, но и со јапонски „Нисан“ и „Мицибуши“. Со предизвиците ќе се соочи дури од 1 јули, бидејќи тогаш му истекува клаузулата за конкуренција наметната со неговиот договор со концернот „Фолксваген“. Акционерите на „Рено“ треба да го потврдат неговото назначување во април. Дотогаш „Рено“ ќе го води привремената извршна директорка.

Престана со работа и втората најголема италијанска авиокомпанија

Авиокомпанијата „Ер Итали“ запре со работа откако нејзините сопственици решиле да ја згаснат компанијата, оставајќи ги на цедило патниците што резервирале летови по 25 февруари. Втората најголема италијанска авиокомпанија по „Алиталиа“ соопшти дека одлуката за престанок со работа била донесена на состанок на нејзините акционери.
„Алисарда“, кој ја основаше Ага Кан, контролираше 51 отсто од фирмата „Ер Итали“, додека „Катар ервејз“ имаше 49 отсто удел во компанијата.
„Катар ервејз“ во изјава наведе дека бил подготвен да инвестира повеќе во италијанската компанија, но за возврат бараше поголема посветеност од сите акционери.
„Ер Итали“, која порано беше позната како „Меридиана“, соопшти дека летовите до 25 февруари ќе ги вршат други превозници, а летовите резервирани по тој датум ќе бидат рефундирани.