Бизнис – инфо

80

Се враќа данокот од „МојДДВ“

Почна исплатата на пари за „МојДДВ“ за периодот октомври, ноември и декември 2019 година. На 197.819 граѓани ќе им бидат вратени 238.075.865 денари, соопшти директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска, која оцени дека мерката дава резултати, односно дека е популарна меѓу граѓаните и оти се бележи раст на наплатата на ДДВ во периодот откако почна да се применува.
Мерката „МојДДВ“ се применува од 1 јули 2019 година. До 31 јануари 2020 година апликацијата за скенирање фискални сметки ја имаат преземено 236.442 граѓани, скенирани се 66.885.228.000 фискални сметки, со вкупен промет од 32.456.740.434 денари, со вкупен ДДВ од 3.512.292.634 денари и поврат од 15 отсто е во износ од 526.843.896 денари, односно 8,567 милиони евра.
Лукаревска рече дека заклучно со 31 декември 2019 година, исплатени им се пари на 147.251 граѓанин во вкупен износ од 157.780.662 денари и додаде дека сѐ уште е во тек исплатата за првото тримесечје за оние граѓани што имале грешки и направиле корекција на своите трансакциски сметки.
– На секој граѓанин што скенирал фискални сметки му следува поврат на ДДВ и ќе го добие повратот на својата трансакциска сметка – рече Лукаревска.
Таа истакна дека мерката покрај повратот на ДДВ кај граѓаните ја исполнува и другата цел, намалување на сивата економија.