Бизнис-инфо

143

Германците не знаат што да прават со дизел-возилата

Дизел-возилата во Германија вртоглаво ја губат вредноста, бидејќи многу градови го ограничуваат движењето на овие автомобили. Дизелите со „евро 5“ одамна не може да се продадат, а сега запре и продажбата на половни возила со „евро 6“.
Продавачите во Германија немаат голем избор од системот „старо за ново“ бидејќи им доаѓаат понови дизел-возила „евро 6“, кои се сè поевтини, наместо да држат цена. Проблем е што за нив нема ниту муштерии, освен оние што доаѓаат од Балканот. Вкупно, околу милион дизел-возила во Германија чекаат на плацовите, и тоа повеќето со стандард „евро 5“ и „евро 6“.
– Половен „пасат“ со стандард „евро 6“ досега го продававме за 29.000 евра, сега го нудиме за 21.000 евра и никој не го сака. Понатамошно намалување на цената нè води кон голема загуба – наведуваат германските трговци со половни автомобили.
Загубите што ги бележат трговците со половни автомобили во Германија стануваат сè поголеми, па многумина веќе прогласија и банкрот.
– Според нашите процени, во моментот на плацовите има 350.000 дизели со стандард „евро 5“. Тука се заробени повеќе од пет милијарди евра – истакнува Урлих Кендлер од Здружението на работодавци.

УПИ и „Пејпал“ ги здружуваат силите

„Унион пеј интернешнел“ (УПИ) и „Пејпал“ најавија глобално партнерство, во кое двете компании ќе работат заедно да го забрзаат растот на своите мрежи.
Како дел од договорот, „Пејпал“ е определен да го поддржи прифаќањето на УПИ на глобално ниво, каде што „Пејпал“ е прифатен, нудејќи им на сопствениците на картички на УПИ поголем избор при купувањето.
Во иднина УПИ ќе ја истражи можноста за поддршка на трговските и потрошувачките амбиции на „Пејпал“ во Кина.