Бизнис – инфо

42

Граѓаните сѐ повеќе се задолжуваат

Народна банка објави дека анализите на годишна основа утврдиле раст на кредитирањето на домаќинствата за 10,5 отсто, при малку поизразен придонес во растот на кредитирањето во денари. Притоа банкарите наведуваат дека во декември кај најзастапените категории кредити, потрошувачките и станбените, има месечен раст од 1,3 отсто и од 2 проценти соодветно. Годишниот раст изнесува 14,6 проценти кај потрошувачките кредити и 12,7 отсто кај станбените.
– Автомобилските кредити во декември забележаа месечен и годишен раст од 1,6 отсто и 1,4 проценти, соодветно. Кредитите одобрени на кредитни картички се намалени за 0,3 отсто и 2,6 проценти на месечна и на годишна основа. Кај негативните салда на тековните сметки е евидентиран месечен и годишен пад од 13,2 отсто и 1,7 проценти, соодветно, додека кредитите одобрени врз други основи, овој месец, се пониски на месечно и на годишно ниво за 0,4 отсто и 10,6 проценти – е наведено во соопштението на Народната банка (НБ).
НБ регистрира раст и на вкупните депозити на домаќинствата, кои во декември 2019 година се повисоки за 3,1 отсто во споредба со претходниот месец, главно како резултат на зголемените депозитни пари.
– На годишно ниво, стапката на раст изнесува 7,9 проценти и е резултат на растот кај сите компоненти, со поголем придонес на депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута – објаснуваат од НБ.

Луѓето веруваат дека капитализмот повеќе штети отколку што користи

Повеќето луѓе во светот веруваат дека капитализмот во својата денешна форма повеќе прави штета отколку што носи корист, откри истражување направено од „Еделман траст барометар“, кој во две децении анкетирал десетици илјади луѓе за нивната доверба во клучните институции. Авторите на истражувањето кажале дека претходните истражувања покажале раст на чувството на нееднаквост, па ги натерале да ги прашаат луѓето дали имаат длабоки сомнежи во западните демократии засновани на капитализмот.
– Одговорот е „да“. Луѓето преиспитуваат дали она што го имаме денес и светот во кој живееме е идеално за нивната иднина – вели Дејвид Берсоф, лидер на истражувањето, кое го спроведе американската компанија „Еделман“.
Во истражувањето учествувале 34.000 луѓе од 28 земји. Анкетирани се граѓани на западните либерални демократии како САД и Франција, но и граѓани на Кина и Русија. Повеќе од половина од сите анкетирани, или 56 отсто, сметаат дека „денешниот капитализам прави повеќе штета отколку што носи корист во светот“.
На национално ниво, недостигот од доверба во капитализмот е најприсутен на Тајланд (75 отсто), во Индија (74 отсто) и во Франција (69 отсто). Во други азиски и европски земји, земјите на Персискиот Залив, како и во африканските и јужноамериканските земји, преовладува истата оцена, со вредност од над 50 отсто.
Само во Австралија, Канада, САД, Јужна Кореја, Хонгконг и во Јапонија повеќе анкетирани не се согласуваат со тврдењето дека капитализмот во моментов предизвикува повеќе штета од корист.

Помали пензии за 2.000 луѓе што работеле во поранешните југословенски републики

Многу хрватски пензионери последните месеци добиваат решенија од тамошниот Пензиски фонд на кои им се утврдуваат нови, значително пониски пензии од оние што ги примале досега. Станува збор за пензионери, кои дел или целиот работен стаж го оствариле во некоја од поранешните југословенски републики, а на кои дури сега, 30 години од распадот на поранешната држава и 20 години од склучување на договорите со кои се регулира меѓудржавното социјално осигурување на таа територија, им се ажурира износот на пензијата и тоа резултира со понизок износ.
Станува збор за околу 2.000 луѓе, а главна причина зошто тоа се прави дури сега е што за одделни пензионери од БиХ и од Србија не биле усогласени меѓудржавните договори, поточни пензиите им биле исплаќани како целиот работен стаж да го оствариле во Хрватска.