Бизнис инфо

44

СКМ бара измени на Законот за стручно образование

Измените на Законот за стручно образование или нов закон бараат од Стопанската комора на Македонија. Комората, по предлог од компаниите, бара воведување селекција на децата при уписот во средните стручни школи според афинитет, способноста и капацитетот, како и воведување соодветни, систематски здравствени прегледи од областа на медицината на трудот пред запишувањето во средните стручни училишта. Анализите на комората покажуваат дека сѐ уште има неусогласеност меѓу она што се бара и она што се нуди на пазарот на трудот што ја нарушува конкурентноста на економијата.
– На монтерите во нашата компанија, пред да се вработат, им се проверуваат рамнотежа, способност за распознавање бои, сѐ што е специфично, но тоа не е случај и во стручните школи од каде што земаме ученици за практика. Исто така, не постои никаква селекција при запишување во средното стручно образование, нема никаква можност да се изберат ученици што навистина имаат способности или афинитети за соодветен профил: електроинсталатер, електричар или монтер – истакна Маја Симоновска од ЕВН.


Приходите од прогресивното оданочување помали за 51 отсто

Приходите што можеле да се приберат од прогресивното оданочување и повисоката стапка на личен доход се помали за 51,2 отсто во однос на потенцијалот, покажува анализата на Министерството за финансии „Како до сеопфатен, фер и ефикасен данок вo Република Северна Македонија“.
Според анализата, износот на остварени приходи од прогресивната и повисока стапка на личен доход, со анулиран ефект од пораст на плати и вработувања, за првите шест месеци од 2019 година е 12,7 милиони евра. Потенцијалниот приход, доколку субјектите не го променeле своето однесување, ќе бил 19,2 милиона евра.
– Оттука, вкупно изгубените приходи што можеле да се приберат, а не се прибрале, се оценети на 6,5 милиони евра што претставува 51,2 отсто од прибраните приходи од прогресивниот и повисок данок на доход. Тоа се средства што буџетот можел да ги има, но не ги добил поради промената во однесувањето на даночните обврзници – пишува во анализата.