Бизнис-инфо

45
Фото: Игор Бансколиев

Сѐ повеќе се бараат користени паметни телефони

Секоја година во светот се зголемува побарувачката на користени паметни телефони, така што лани, во однос на 2018 година, овие испораки пораснале за околу 18 отсто, на вкупно речиси 207 милиони единици, покажуваат процените на аналитичката куќа ИДЦ.
– Се очекува оваа побарувачка да продолжи и во следните години, па испораките на користени паметни телефони, вклучувајќи ги и оние што се обновени, односно поправани, до 2023 година во светот да достигнат 333 милиони единици. Просечната стапка на годишен раст на тие испораки би можела да биде и до 14 отсто – предвидуваат аналитичарите од ИДЦ.
Зголемената побарувачка за половни паметни телефони од ИДЦ ја објаснуваат со значителните заштеди при купувањето такви телефони, во споредба со новите модели, а очекуваат и имплементацијата на 5Г-мрежите да влијае врз тој пазар, бидејќи сопствениците на паметни телефони почнуваат да тргуваат со своите паметни 4Г-телефони во очекување на високи перформанси на 5Г-уредите.

ЕУ изрекла 114 милиони евра казни за кршење на прописите за заштита на податоците

Европските регулатори одредија парични казни во вкупен износ од 114 милиони евра од средината на 2018 година, кога во сила стапија заострените прописи за заштита на приватноста на податоците, покажува извештајот на адвокатската канцеларија „ДЛА пајпер“.
Најголема поединечна казна од 50 милиони евра му изрекла Франција на „Гугл“, додека Холандија, Велика Британија и Германија предничат со бројот на објави за кршење на прописите за заштита на податоците, покажува извештајот.
Општата регулатива за заштита на податоците е воведена за да се заштитат чувствителните лични податоци и таа пропишува строги казни доколку компаниите ја загубат контролата врз податоците или ги обработуваат без согласност на клиентот.