Бизнис – инфо

25

ЕП бара воведување универзален полнач за мобилните телефони

Пратениците во Европскиот парламент ја повикаа Европската комисија во интерес на потрошувачите и заштитата на околината да го забрза воведувањето на универзалниот полнач за сите мобилни телефони и другите преносни електронски уреди. Во Директивата за радиска опрема од 2014 година законодавците од ЕУ повикаа на осмислување универзален полнач и ѝ дадоа овластување на комисијата да продолжи да работи на оваа проблематика преку делегиран акт. Пратениците во расправата на пленарна седница во Стразбур со големо мнозинство заговараа што поскоро воведување универзален полнач, компатибилен со сите мобилни телефони, таблети, читачи на е-книги и другите преносни уреди.
Повеќе европски претставници за време на расправата ги критикуваа бавноста и неефикасноста на комисијата во спроведувањето на директивата, а некои изразија сомнеж дека можеби се плаши да им се замери на корпорациите што се противат на таквата мерка, на пример „Епл“.
Комисијата од донесувањето на директивата во 2014 година се потпираше врз носење препораки, очекувајќи дека производителите доброволно ќе ги усогласат своите производи, но тој пристап не даде плод.
Според процените, старите полначи создаваат повеќе од 51.000 тони електронски отпад годишно.

НЛБ демантира дека е под истрага за наводно перење ирански пари

НЛБ банка ги демантира шпекулациите што ги пласираа одделни словенечки медиуми дека американското ФБИ испитува наводно перење ирански пари.
– Сакаме да нагласиме дека во НЛБ не постои истрага што е во тек – се наведува во соопштението од банката и се додава дека нема информации за каква било истрага што се води во Словенија или во која било друга земја.
Понатаму, од банката велат дека сите други изјави што ги објавиле некои словенечки медиуми се чисти шпекулации за да му наштетат на угледот на банката.
– НЛБ никогаш не перела пари, ниту, пак, некогаш учествувала во каква било нелегална практика – тврди банката во соопштението.
Тие укажуваат дека на почетокот на оваа година Државното обвинителство на Република Словенија ги отфрлило податоците за поранешни вработени во НЛБ во врска со наводно перење пари.
– НЛБ работи строго во согласност со одредбите утврдени со Законот за спречување на перењето пари и финансирање на тероризмот, како и со релевантни насоки што ги дава Банката на Словенија – се истакнува во соопштението.

„Фолксваген“ купува удел во кинеска компанија за производство на батерии

Германскиот производител на автомобили „Фолксваген“ има намера да купи 20 отсто од уделот во кинеската компанија за производство на батерии „Гуоксуан хај-тек“. Со ова „Фолксваген“ првпат ќе стане директен сопственик на удел во кинескиот производител на батерии, а планот временски се совпадна и со неговите заложби до 2025 година да ја зголеми продажбата на електрични автомобили во Кина на 1,5 милион годишно, вклучувајќи ги и хибридните модели.
Германската компанија има намера во следните недели да купи удел во „Гуоксуан“ преку затворена понуда до ограничен круг на инвеститори, наведуваат два добро информирани извора. Со оглед на пазарната вредност на кинеската компанија од 2,8 милијарди американски долари, 20-отстотниот удел вреди околу 560 милиони долари.
По купување на уделот, „Фолксваген“ ќе стане втор по големина акционер во кинеската компанија. Од германската компанија не ја коментираа информацијата за купување на уделот.