Бизнис – инфо

40
Фото: Игор Бансколиев

Паѓа вредноста на акциите на компании што котираат на Македонската берза

Пазарот на капитал во земјава доживува пад на вредноста, што се гледа со движењето на индексот МБИ10 на Македонската берза, кој ги содржи десетте најликвидни хартии од вредност на котираните акционерски друштва.
Имено, на 15 јануари на Македонската берза немаше ниту една акција што забележа раст на својата вредност, иако претходно се бележеше неколкудневниот раст на акциите.
Во текот на средата најпогодени беа акциите на „Макстил“ АД Скопје, кои забележаа пад од 2,27 отсто. Падот на Македонската берза негативно се одрази и врз вредноста на акциите на Стопанска банка АД Скопје, кои забележаа пад од 2,23 проценти, како и врз акциите на „Фершпед“ АД Скопје, кои забележаа пад од 1,35 отсто.
Пад на вредноста на акциите забележаа и „Алкалоид“ АД Скопје од 1,27 процент и Комерцијална банка АД Скопје од 1,16 отсто.
Претходниот ден на македонската берза најтргувани беа акциите на НЛБ банка АД Скопје, кои забележаа раст од високи 0,91 процент, пред акциите на Стопанска банка АД Битола, кои забележаа раст од 0,47 отсто. Сепак, истиот ден најголем дел од акциите доживеаја пад на вредноста, освен дел од банкарските акции, кои и во услови на пад МБИ10 индексот, бележат раст на вредноста на акциите.

 

Од 2008 година Хрватска загуби половина милион работоспособни луѓе

Работната сила во Хрватска во изминатите десетина години се намалила за 500.000 луѓе, поточно во периодот од 2008 до 2018 година. Ова го посочи Даворко Видовиќ, советник за труд и политика за вработување во Хрватската стопанска комора (ХСК). Според него, од половина милион работници, дури 200 илјади заминале по природен пат, со стареење и пензија, додека 300.000 ја напуштиле Хрватска во миграцискиот бран.
Приватниот сектор предупредува дека состојбата е алармантна, а најголемиот проблем се јавува во туристичката сезона. За ублажување на овој негативен тренд, ХСК најави укинување на квотите за странските работници, како и интегрирање на луѓето на пазарот на трудот за да се спречи емиграцијата. Хрватската служба за вработување е исто така вклучена во финансирање преку Европскиот социјален фонд.
Околу 40.000 странци работеа во Хрватска минатата година, а беа издадени 65.000 дозволи. Иако нема да има квота од средината на оваа година, се предупредува дека работодавците веќе мора да се подготват за летната сезона, бидејќи процедурата за документацијата за увоз на странски работници може да трае повеќе од два месеца.
Од ХСК предупредуваат дека недостигот од работници не е привремен проблем и нема да исчезне, па истакнуваат дека странската работна сила е неминовна.