Бизнис-инфо

45

Расте бројот на патници на македонските аеродроми

Бројот на патници на аеродромите во Скопје и во Охрид во текот на 2019 година се зголемил на годишно ниво за 14 проценти, на вкупно 2.677.618, објави бизнис-порталот СееЊуз.
Порталот, повикувајќи се на соопштение на компанијата „Аеродроми на Париз“ (АДП), наведува дека само лани во декември низ двата аеродроми во земјава минале 196.851 патник, што претставува раст за 15 отсто во однос на истиот месец во 2018 година. АДП поседува 46,15 отсто од акциите на турската компанија „ТАВ ерпортс“, која стопанисува со аеродромите во Скопје и во Охрид.

Прометот на Македонската берза намален за 26 отсто

Податоците на Македонската берза за вкупниот промет направен во текот на минатата година бележат пад за 26,06 отсто.
Притоа, класичното тргување изнесува 4.211.358.704 денари и е намалено во однос на претходната година за 13,86 отсто, кога изнесувало 4.889.152.889 денари. Блок-трансакциите, пак, достигнале 2.466.611.817 денари и се намалени за 53,12 отсто. Бројот на трансакциите е намален за 21,12 отсто во однос на претходната година.
Исто така се забележува дека најтргувани акции на официјалниот пазар за 2019 година се на Комерцијална банка, „Алкалоид“ и на „Макпетрол“.
Меѓу другото, во билтенот на Македонската берза за минатата година може да се забележи дека, во сегментот за учество на странските инвеститори на берзата, странските правни и физички лица повеќе продавале отколку што купувале акции од компаниите што котираат на берзата.

Велика Британија го забрани обложувањето со кредитни картички

Британците повеќе нема да можат да ги користат кредитните картички за обложување според новите правила осмислени да ги спречат луѓето премногу да се задолжуваат. Комисијата за обложување соопшти дека забраната што стапува во сила од 14 април ќе се применува на сите онлајн и офлајн-производи, освен лозовите и лотаријата што се продаваат на благајните. Според комисијата, 22 отсто од лицата што се обложуваат онлајн со кредитни картички припаѓаат на групата таканаречени „проблематични коцкари“.
Овој чекор следува по владината анализа на оваа индустрија почната во ноември, за темелна реформа на онлајн-обложувачниците, вклучувајќи и забрана за користење кредитни картички за онлајн-обложување за ранливите категории.
– Обложувањето со кредитни картички може да води кон значителна парична штета. Забраната што ја објавивме би требало да го минимизира ризикот од штета за клиентите со парите што ги немаат – рече Нил Мекартур, извршен директор на комисијата за обложување.
Процените се дека во Британија има 24 милиони возрасни коцкари, од кои 10,5 милиони се обложуваат онлајн. Според официјалните податоци, околу 800.000 Британци при обложувањето користат кредитни картички.