Бизнис-инфо

47

Словенците онлајн ќе ги проверуваат буџетските приходи и расходи

Словенците заинтересирани за тековно следење на буџетските приходи и расходи во иднина ќе можат преку интернет да ги добијат најновите буџетски податоци. Заинтересираните ќе можат брзо да ги проверат динамиката на уплата во државниот буџет и намената за која е потрошено секое евро, и тоа не само на државно ниво туку ќе можат да ја проверат и состојбата на приходи и расходи по општините и регионите, објавија словенечките медиуми.
– Целта на ваквиот начин на презентација е поголема транспарентност на приходите и потрошувачката, за да можат луѓето да видат дека за даноците што ги плаќаат нешто и добиваат – изјави Саша Јазбец, државна секретарка во словенечкото министерство за финансии, при претставувањето на проектот.

Значителен пад на новите вработувања во САД

Американските работодавци во декември отвориле значително помалку работни места од претходниот месец, покажаа податоците на американската администрација. Во американската економија во декември се отворени 145 илјади работни места. Во ноември биле отворени 256 илјади, покажуваат најновите податоци од Министерството за труд. Министерството ги ревидира податоците за октомври и ноември, кои покажуваат дека се отворени вкупно 14 илјади работни места помалку од она што било прогнозирано. Економистите очекуваа дека податоците за декември ќе покажат нето отворени околу 164 илјади нови работни места.

Голем раст на продажбата на БМВ во Кина

Германскиот производител на автомобили БМВ објави дека минатата година во Кина продал 720 илјади возила, најмногу откако пред 15 години влегол на тој пазар. Со тоа бројот на продадени автомобили скокна за повеќе од 13 отсто во однос на претходната година, наведуваат во германската компанија.
Најпопуларни модели меѓу кинеските потрошувачи беа „икс 1“, „икс 5“, „икс 6“, како и „серија 5“, додаваат од компанијата.

Двајца нови Руси стануваат доларски милијардери

Основачите на руската ИТ-компанија „Вееам“, Ратмир Тимашев и Андреј Баронов, ќе станат милијардери по завршувањето на продажбата на компанијата на американскиот фонд „Инсајт партнерс“, пренесува магазинот „Форбс“. Тимашев и Баронов веќе се меѓу 200 најбогати Руси, а нивниот имот во 2019 година се проценувал по 700 милиони американски долари одделно. По продажбата на „Вееам“ нивното богатство ќе порасне за по 500 милиони долари и секој ќе има по 1,2 милијарда долари, наведува „Форбс“.