бизнис – инфо

50

Сè повеќе Македонци на српските градилишта

Работници од Македонија, Албанија, Азербејџан, Таџикистан и од Турција ги преплавуваат српските градилишта, работејќи привремени работи или, пак, на црно, најчесто вршејќи најтешки физички работи, бидејќи не се квалификувани, предупреди Стопанската комора на градежната индустрија на Србија.
– Домашната оперативна и градежна индустрија одамна е задушена, а работната сила со години се одлева поради подобро платената работа и условите за работа во странство. Најголем проблем е што ни недостигаат мајстори од различни профили, занаетчии, квалификувани управувачи на машини – вели Горан Родиќ, потпретседател на Стопанската комора на градежната индустрија на Србија.
Според него, овој проблем може да се надмине преку дуалното образование, подмладување на занаетчискиот кадар, зголемување на платите и подобрување на условите за работа.
– Покрај моменталниот недостиг од работна сила, заминувањето на стручните кадри што нема кој да ги замени, во иднина ќе се создадат дополнителни проблеми. Наскоро ќе нема кој да ја одржува инфраструктурата, како патиштата, железницата, термоцентралите – нагласува Родиќ.

Најскап киловат во ЕУ би можеле да плаќаат Словенија и Хрватска

Кон средината на оваа деценија, словенечката и хрватската електрична енергија ќе биде најскапа во Европа поради растот на цената на гасот, јагленот и емисиите на јаглерод диоксид, се вели во анализата на британската независна истражувачка бизнис-агенција ИЦИС (Индепендент комодити интелиџенс сервисис).
Истакнуваат дека третина од капацитетите за производство на електрична енергија во Словенија и во Хрватска се базираат врз фосилни ресурси, така што поскапувањето на емисиите на јаглерод диоксид, гасот и јагленот ќе биде најважниот фактор во лицитирањето на цената на електричната енергија во двете земји.
Британските енергетски експерти проценуваат дека до 2030 година не е извесно дека во овие земји ќе дојде до значителни зголемувања на капацитетите на обновливи извори на енергија и дека и тоа зголемување би имало минимален ефект на вкупното енергетско производство. Конкретно, се очекува до 2030 година сонцето и ветерот да сочинуваат четири отсто од вкупното производство на електрична енергија во Словенија, додека во Хрватска тоа би изнесувало 15 отсто.