Бизнис – инфо

67

Секој четврти тендер во државните институции е поништен

Најниската цена и електронската аукција се најбитни на државните тендери, иако се применува новиот закон за јавни набавки, се вели во последниот извештај на Центарот за граѓански комуникации од мониторингот на јавните набавки за периодот јануари-јуни 2019 година. Во овој период е констатирано дека конкуренцијата во јавните набавки во првото полугодие од 2019 година е влошена во однос на претходните две години. Просечниот број понуди на мониторираниот примерок изнесува само 2,74, а во дури 35 отсто од мониторираните тендери е добиена само една понуда. Секој четврти тендер (25,8 проценти) е целосно или делумно поништен. Покрај вообичаените законски основи за поништување, додадена е и можноста тендерот да се поништи според инструкција од Бирото за јавни набавки, а по спроведена управна контрола.

Расте прометот во трговијата на мало

Според Државниот завод за статистика, во трговијата на мало, во ноември 2019 година, во споредба со ноември 2018 година, зголемување на прометот е забележано во трговијата на мало со храна, пијалаци и тутун за 6,2 проценти, потоа во трговијата на мало со непрехранбени продукти за 23 отсто, како и во трговијата на мало, освен во трговијата со горива за 15 проценти.
Намалување на прометот е забележано во групата трговија на мало со автомобилски горива за 9,9 отсто.

ФЕД ќе внесат 500 милијарди долари во американската економија

Во средината на јануари, доларот би можел да доживее драстичен пад на вредноста, бидејќи Федералните резерви на САД ќе внесат речиси 500 милијарди долари во американската економија за само еден месец.
Аналитичарите велат дека мешањето на ФЕД во финансискиот систем на државата достигнал епски размери, како резултат на зголемената закана од криза во банкарскиот сектор, споредлива со она што се случи во 2008 година.

Намалено индустриско производство

Индустриското производство во ноември годинава е за 2,1 отсто намалено во однос на ноември 2018 година, а во првите 11 месеци од годинава има пораст од 4,7 отсто во споредба со истиот период лани.
Според Државниот завод за статистика, во секторот рударство и вадење камен се бележи опаѓање од 11,9 отсто, во секторот преработувачка индустрија има пораст од 0,7 проценти, а во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација има опаѓање од 9,6 отсто.