Бизнис инфо

155

Исплатени субвенции за пченица

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој на сметките на откупувачите на пченица од домашно производство исплати близу 17,4 милиони денари. Директорот на агенцијата, Николче Бабовски, појасни дека се исплаќаат субвенциите од дополнителната мерка за директните плаќања за откупена пченица од домашно производство.
Агенцијата пред неколку дена исплати и 333 милиони денари за предадено млеко, за оризова арпа, како и за градинарски култури предадени во преработувачки капацитети.

Избрани топ 100 најуспешни

Стопанската комора на северозападна Македонија ги прогласи топ 100 најуспешните компании во Македонија. Настанот, кој се реализира деветти пат, ги избира најуспешните компании врз основа на пет индикатори, годишен приход, нето-добивка, број на вработени, инвестиции и поврат на капитал.
– СКСЗМ и понатаму ќе биде заштитен чадор на бизнисите на нивниот пат кон успехот. Ќе застанеме покрај претприемачите во остварувањето на нивните цели за раст и развој на бизнисот. Топ 100 докажува дека нашите компании работат успешно и се подготвени да се вклучат на глобалните економски пазари, па во иднина ќе бараме нови пазари за локалните бизниси – рече Неби Хоџа, претседател на СКСЗМ.