Бизнис инфо

100

Поголема поддршка за лозарите

На лозарите ќе им бидат префрлени по два денара за килограм грозје, наместо по еден како до лани, и освен за смедеревката и вранецот ќе се интервенира и за кратошијата и станушината, најави министерот за земјоделство Трајан Димковски.
– Барањето беше за целото откупено количество да се оди со дополнителна мерка. Но ние ќе интервенираме кај сортите, чија цена се движеше од 10 до 12 денари. Оценивме дека во категоријата со пониска цена на пазарот, покрај смедеревката и вранецот, кои лани беа поддржани со еден денар, се и кратошијата и станушината – рече Димковски.
Министерството на лозарите им ги дало сите анализи и оставило на нив да одлучат како сакаат да ја добијат поддршката, на хектар или по килограм.
– Последното што стигна од лозарите беше да одиме по килограм. Ќе го прифатиме тоа и се надевам дека дополнителните два денара ќе ги добијат многу брзо – истакна Димковски.


ММФ ги намали проекциите за раст во еврозоната

Економскиот раст на еврозоната би требало да забави повеќе од очекуваното, објави Меѓународниот монетарен фонд. Нивните предвидувања ги темелат на податокот дека кризата во производствениот сектор може да се прелее во повеќе сектори, со оглед на долгогодишните тензии во глобалната трговија.
Бруто-домашниот производ на 19 членки на еврозоната, според најновите процени на ММФ, ќе порасне со стапка од 1,2 процент оваа година, што е пониско од претходната проекција на фондот во април, кој предвидуваше раст од 1,3 процент, објави „Ројтерс“.
Тоа е и значително забавување во однос на минатогодишниот раст од 1,9 процент.
Економијата на еврозоната ќе порасне за 1,4 процент во 2020 и 2021 година, соопшти ММФ, намалувајќи ја претходната процена за раст од 1,5 процент за двете години.
Економското забавување во најголем дел е последица на анемичниот раст во Германија, најголемата економија во еврозоната, како и стагнацијата во Италија, третата најголема економија во еврозоната, проценува фондот, ревидирајќи ги најниските свои проекции за двете држави.
Германија ќе има раст од само 0,5 проценти, додека Франција, според ММФ, ќе порасне за 1,2 процент.
Инфлацијата во еврозоната оваа година ќе изнесува 1,2 процент, следната година ќе биде 1,4 процент, а во 2021 година 1,5 процент, порачуваат од ММФ.