Бизнис инфо

63

Значително се ограничува снабдувањето со нафта

Организацијата на земји-извознички на нафта (ОПЕК) и групата на независни производители, на чело со Русија, постигнаа договор за значително ограничување на снабдувањето. Сепак, нивните ставови не се целосно усогласени колку долго нивниот договор би требало да остане во сила.
Членките на ОПЕК се собраа во Виена на редовен состанок, на кој решаваат за производствената политика во претстојниот период.
Министрите на Саудиска Арабија, Русија, Кувајт, Обединетите Арапски Емирати, Алжир и Оман сметаат дека ОПЕК треба да го намали производството за дополнителни 500 илјади барели дневно, без оглед на веќе договорените 1,2 милион барели дневно.

ЕУ ненаклонета на дигиталните валути

Дигиталните валути, како либра на Фејсбук, не би требало да бидат дозволени во Европската Унија (ЕУ) додека јасно не бидат утврдени ризиците што ги носат тие, согласни се министрите за финансии на ЕУ. Со тоа го потврдиле остриот став искажан во случајот со либра, која наиде на критики од страна на регулаторите низ светот поради можното штетно влијание врз финансискиот систем.
– ЕУ не би требало да одобри ниту еден глобален аранжман со стабилните дигитални валути покриени со имот додека не бидат соодветно идентификувани и решени правните, регулаторните и надзорните предизвици и ризици – порачаа министрите во заедничката изјава. Либра на Фејсбук спаѓа во категоријата стабилни дигитални валути, кои обично се покриени со класични валути, како еврото или доларот, или, пак, со хартии од вредност.
Биткоинот, пак, спаѓа во другата категорија криптовалути што немаат такво покритие.