Бизнис инфо

63

Брегзит и слабата глобална побарувачка ќе ѝ наштетат на британската економија

Притисоците што ги носи брегзит и политичката неизвесност ги принудија Конфедерацијата на британската индустрија (ЦБИ) и здружението на произведувачи и трговии „Мејк УК“ да ги намалат своите прогнози за раст на британската економија за следната година.
Според официјалните податоци, британската економија расте со најслабо темпо од 2010 година, а индустријалците за 2020 година не гледаат речиси никакво подобрување.
ЦБИ проценува дека економијата следната година ќе порасне за 1,2 отсто, по годишниот раст од 1,3 отсто, додека во 2021 година темпото на раст би било 1,8 отсто. Овие процени се направени под претпоставка дека британскиот премиер Борис Џонсон ќе постигне трговски договор со ЕУ во случај на брегзит со договор што нема да вклучува воведување царини и отстапување од европските правила. Уште во јули ЦБИ прогнозира раст од 1,4 отсто оваа година и 1,5 отсто во следната.

САД се откажуваат од договорот за оданочување на дигиталните компании

Франција ги обвини САД дека решиле да ја ускратат поддршката на меѓународниот договор со кој би се регулирало оданочувањето на големите дигитални компании.
САД најпрво побараа меѓународно решение за оданочување на дигиталните услуги, кое би требало да го најде Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), но сега од Вашингтон сигнализираат дека не се најсигурни дека тоа би било најдоброто решение, истовремено најавувајќи царини за француските компании поради претходната одлука на Париз за воведување данок од три отсто за дигиталните компании.

„Ериксон“ уверува дека може да го замени „Хуавеи“

Шведскиот производител на телекомуникациска опрема „Ериксон“ порача дека има доволно капацитет да ја снабди Европа со мобилни мрежи на новата генерација во случај на блокада на конкурентните кинески доставувачи.
Изминатите месеци во повеќе земји се поведе расправа за тоа дали треба кинеската компанија „Хуавеи“, инаку водечки производител на опрема за мобилни мрежи во светот, да се исклучи од постапката за набавка, со оглед на стравувањата дека неговата технологија би можела да се користи за шпионажа.
Во „Хуавеи“ ги отфрлија таквите стравувања, тврдејќи дека се неосновани.
Од друга страна, се поставува и прашањето дали компаниите како „Ериксон“ и „Нокиа“ имаат доволно капацитет во случај на блокада да го заменат „Хуавеи“.
САД на почетокот на годината го сместија „Хуавеи“ на црна листа поради стравувањата дека кинеската влада би можела да ја користи неговата опрема продадена во САД за шпионажа.