Бизнис – инфо

44

Околу 60 отсто од канадските ресторани би можеле да банкротираат

Повеќе од 1.200 ресторани во Канада се здружија во повикот до Владата за посилни и долгорочни економски програми за време на пандемијата на ковид-19, вклучувајќи ги и субвенциите на заработките и олеснувањата при закуп, предупредувајќи дека три од пет канадски ресторани оваа есен би можеле трајно да бидат затворени.
Рестораните и баровите меѓу првите го почувствуваа стрмоглавиот пад на приходите во првиот бран затворања поради пандемијата, а главните улици на градовите низ Канада се преполни со затворени ресторани со натписи „За изнајмување“.
Канадската стопанска комора веќе предупреди дека 60 отсто од рестораните би можеле да банкротираат уште оваа есен, пишува „Глоб енд мејл“.

Норвешка подготвува голем проект за складирање на штетните гасови

Норвешка најави голем проект со кој би требало значително да се зголемат подземните капацитети за складирање на гасовите штетни за околината.
Норвешката премиерка Ерна Солберг го нарече проектот „Лонгшип“ пресвртница во индустриските и климатските иницијативи на својата влада.
– Со неговата реализација ќе се намали емисијата на јаглерод диоксид, ќе се поедностави развојот на новата технологија и ќе се креираат дополнителни работни места – рече Солберг.
Јаглерод диоксидот ќе се складира во фабриката за цемент во Бревик.
Норвешка се обврза да ја намали емисијата на јаглерод диоксид до 2030 година за 50 до 55 отсто.
Против овој проект се изјасни климатската активистичка група Екстиншн Ребелион, организирајќи протест во Осло.

Германската економија паѓа помалку од очекуваното

Падот на германската економија оваа година ќе биде помал од она што претходно се предвидуваше и ќе изнесува 5,2 отсто, покажува најновата прогноза на економскиот институт ИФО.
Истражувачите од институтот со седиште во Минхен летоска предвидуваа пад на бруто-домашниот производ од 6,7 отсто во 2020 година, потсетува ИФО.
Истовремено ИФО ја ревидираше на помалку проекцијата на растот на БДП за следната година на 5,1 отсто, наместо првично предвидената стапка од 6,4 отсто. За 2022 година прогнозира раст од 1,7 отсто.