Бизнис – инфо

56

Авиопревозниците усвоија уште потемна прогноза за 2020 година

Авиопревозниците ја променија и онака лошата прогноза за патничкиот сообраќај во Европа за оваа година поради континуираните ограничувања на патувањата и стравот од нов бран на ковид-19 што ја задушуваат можноста за закрепнување на секторот.
Бројот на патници во европскиот воздушен сообраќај ќе се намали оваа година за 60 отсто, проценуваат во Меѓународната асоцијација за воздушен сообраќај (ИАТА).
Тоа ќе доведе во опасност околу седум милиони работни места во воздухопловниот и туристичкиот сектор, додаваат од оваа асоцијација.
Во јуни ИАТА процени дека побарувачката за авионски превоз на патниците во Европа оваа година ќе падне за повеќе од 50 отсто, што ќе влијае на шест до седум милиони работни места.

Германските компании очекуваат закрепнување за 11 месеци

Германските компании очекуваат нивното работење да се нормализира по хаосот што го предизвика пандемијата на коронавирусот за просечно 11 месеци, покажа истражувањето на економскиот институт „Ифо“.
Компаниите во услужниот сектор очекуваат нивното закрепнување од корона-кризата да трае 11,7 месеци, објави „Ифо“, повикувајќи се на резултатите од јулското истражување.
Во градежниот сектор предвидуваат дека закрепнувањето ќе трае 11,1 месеци, во малопродажниот 10,3, а во индустријата 10,1 месеци, информираат од „Ифо“.
Пандемијата особено тешко ги погоди патничките агенции и хотелите, кои очекуваат нормализација за 14,6, односно за 16 месеци.
Најдолго би траело закрепнувањето во секторот уметност и забава, речиси година и половина.

„Карлсберг“ очекува пад на годишната добивка

Данскиот производител на пиво „Карлсберг“ најави 15-процентен пад на добивката оваа година поради очекуваната послаба продажба на клучните пазари во Кина и Западна Европа во втората половина на годината за време на пандемија.
Во второто тромесечје приходите на третата пивара во светот паднаа 15 отсто, на 15,9 милијарди дански круни (2,5 милијарди долари), со што е потврден прелиминарниот податок објавен во јули. Обемот на продажбата е намален 7,8 отсто, исто во согласност со прелиминарниот податок објавен минатиот месец. Извештајот не ги вклучува податоците за добивката во второто тромесечје.