Бизнис – инфо

24

Примањата на работниците во Германија пониски за 2,2 отсто

Бруто-месечните примања на работниците во Германија со полно или скратено работно време во просек биле за 2,2 отсто пониски во второто тромесечје во однос на истиот период лани, покажуваат податоците на сојузниот завод за статистика.
Падот на примањата во најголем дел е последица на скратеното работно време во периодот на ограничувањата воведени поради пандемијата на коронавирусот. Најтешко погодени сектори биле хотелиерството и угостителството, како и патничкиот и автомобилскиот сектор.
– Широката примена на скратеното работно време поради пандемијата на коронавирусот негативно влијаеше врз нивото на бруто-месечните приходи и бројот на работни часови – се вели во соопштението на заводот.
Сепак, како што се додава, програмата за скратено работно време, во чии рамки вработените привремено работеа пократко, но ја задржаа работата, во голема мера го ублажи губењето на приходите кај вработените.
Според неодамнешните податоци на институтот „Ифо“, во Германија уште 5,6 милиони работници работат скратено.

Остар пад на бројот на вработени во Велика Британија

Бројот на вработени во Велика Британија падна најсилно во последните 10 години во второто тромесечје поради корона-кризата, покажуваат податоците на статистичкиот завод ОНС.
Во периодот од април до јуни бројот на вработени се намалил за 220.000, што е најголем квартален пад од 2009 година, наведуваат во ОНС.
Намалувањето на бројот на вработени мажи, за 135.000, е најголемо од 2011 година, се додава во соопштението на заводот за статистика.
Во ОНС истакнуваат дека пандемијата на пазарот на трудот најтешко ги погоди најмладите и најстарите работници, како и оние што работат мануелна работа.

Францускиот регулатор започна прелиминарна истрага за „ТикТок“

Францускиот регулатор за заштита на приватноста на податоците соопшти дека повел прелиминарна истрага за да утврди дали кинеската апликација за споделување видеозаписи „ТикТок“ ги крши прописите за заштита на приватноста.
„ТикТок“, во сопственост на кинеската компанија „БајтДенс“, веќе е под истрага на американските, европските и холандските власти поради наводно загрозување на приватноста.
– Жалбата на „ТикТок“ е примена во мај и сега врз основа на неа поведовме истрага – изјави портпаролот на француското регулаторно тело.
Тој одби да ја објасни природата на жалбата, ниту, пак, наведе кој ја поднел.