Бизнис – инфо

72

„Луфтханза“ со загуба од 1,5 милијарда евра

Најголемиот германски авиопревозник „Луфтханза“ соопшти дека во вториот квартал забележал загуба од 1,5 милијарда евра откако овој индустриски сегмент и натаму ги трпи последиците од пандемијата на коронавирусот.
Компанијата објави дека продажбата на нејзините услуги опаднала за 80 отсто во споредба со истиот период лани и дека остварила приход од само 1,9 милијарда евра.
– Минуваме низ најлошиот момент во глобалниот авионски сообраќај. Не очекуваме побарувачката да се врати на нивото како пред кризата не порано од 2024 година – соопшти директорот Карстен Шпор.
Пред неколку месеци медиумите шпекулираа дека „Луфтханза“ би можела да банкротира, но Европската комисија во јуни ја одобри одлуката на германската влада да му исплати на превозникот шест милијарди евра помош за спас од кризата.

Истражување: Работата од далечина носи промени

Огромно истражување, кое опфати 3,1 милиони луѓе во 16 града на Северна Америка, Европа и Блискиот Исток, утврди дека работата од далечина со користење на дигиталните технологии значително го продолжило работното време, просечно за 48 минути, а се зголемил и бројот на виртуелните состаноци.
Истражувачите анкетирале вработени во 21 илјада компании и пресметале дека бројот на состаноци е зголемен за 13 отсто, а се испраќале и 1,4 електронска порака повеќе на дневна основа за разлика од периодот пред пандемијата.
Иако имало повеќе состаноци, значително е скратено времето на нивното траење и тоа за дури 20 отсто.
Истражувањето понатаму покажало дека во одделни градови работното време се вратило на старите нивоа пред пандемијата, додека во другите продолженото работно време останало.
Авторите на истражувањето порачуваат дека е потребно дополнително да се испита во која мера работните навики се трајно променети, но тврдат дека не очекуваат враќање на вообичаените обрасци пред пандемијата, поточно малку е веројатно дека работите ќе се вратат на старо.
Истражувањето го организира американското Национално биро за економски истражувања.

ЕК го прошири списокот на антидампинг-царини за кинескиот челик

Европската комисија соопшти дека ја проширила примената на антидампинг -царини на увоз на уште неколку кинески производи од не’рѓосувачки челик за да ги спречи производителите што со помош на мали модификации на материјалот што го извезуваат ги избегнуваат постојните тарифи, јавува „Ројтерс“.
Европската Унија во февруари 2018 година воведе казнени царини меѓу 17,2 и 27,9 отсто на увоз на одредени видови на не’рѓосувачки челик од Кина, за да ги заштити домашните производители од, како што тврди, нефер ниските цени.
Комисијата наведе дека антидампинг-мерките резултирале со пад на таквиот увоз речиси на нула, а истовремено увозот на другите производи отпорни на корозија пораснал на околу милион тони, односно 650 милиони евра годишно, па во ноември 2019 година беше поведена истрага во врска со тоа.