Бизнис – инфо

35

Коронавирусот го опустоши португалскиот туристички сектор

Некогашниот силен туристички сектор на Португалија во јуни забележа уште еден месец на катастрофални податоци за туристичкиот промет, бидејќи поради стравот од ширењето на ковид-19 и ограничувањата на патувањата, туристите не се осмелија да патуваат во оваа земја.

Португалскиот национален завод за статистика (ИНЕ) објави дека бројот на ноќевања на странските туристи во јуни на годишно ниво потонал 96 отсто, на околу 201.000. Вкупниот број на гости, вклучувајќи ги и домашните, достигна нешто повеќе од половина милион, што е за 82 отсто помалку од јуни минатата година. Сепак, тоа е благо подобрување во однос на дури 94-отстотниот пад на бројот на гости забележани во мај. Во јуни околу 45 отсто од туристичките сместувачки капацитети во Португалија биле затворени или немале туристи, наведуваат од ИНЕ.
Ноќевањата на Британците, кои вообичаено се најмногубројни гости во Португалија, се намалени за повеќе од 98 отсто во однос на јуни минатата година, а значително паднал и бројот на ноќевања на туристите од Германија, за 95,1 отсто и од Шпанија за 93,3 отсто.

Полска го казнува „Гаспром“ поради „Северен тек 2“

Полскиот регулатор за пазарна конкуренција УОКиК соопшти дека го казнил „Гаспром“ со 213 милиони злоти (57 милиони долари) поради недоволна соработка по прашањето за постапување при изградбата на гасоводот „Северен тек 2“.
Полска смета дека „Северен тек 2“, со кој би се удвоил рускиот извоз на гас преку Балтичко Море, е закана за енергетската безбедност на Европа и дека со него би се зајакнала доминацијата на „Гаспром“ на пазарот.
Носител на проектот „Северен тек 2“ е токму „Гаспром“, додека половина од средствата обезбедија германските компании „Унипер“ и „Винтершал“, англиско-холандската компанија „Шел“, како и австриски ОМВ и „Енџи“.

„Мајкрософт“ преговара за купување на „ТикТок“

Американската технолошка компанија „Мајкрософт“ потврди дека води разговори со кинеската компанија „БајтДенс“ за купување на нејзината популарна социјална апликација „ТикТок“.

„Мајкрософт“ соопшти дека ја продолжува соработката со американските власти по прашањето на договорот и дека имаат намера да ги заклучат разговорите до 15 септември.

Доколку договорот биде заклучен, „Мајкрософт“ би можел истовремено да ги реши контроверзиите во Вашингтон, но и да ја зголеми својата моќ на подрачјето на потрошувачките технологии.

Соопштението е објавено само по два дена откако медиумите објавија дека „Мајкрософт“ е заинтересиран за купување на апликацијата „ТикТок“.
„Мајкрософт“ размислува за купување на „ТикТок“ во САД, Канада, Австралија и во Нов Зеланд, а би можел да им понуди и на другите американски инвеститори да се вклучат во аквизицијата.