Бизнис инфо

48

Грантови од по 3.000 евра за жени земјоделци

Во нашата земја се регистрирани 170 илјади земјоделци, а од нив 20 проценти се жени носители на земјоделски стопанства. За зајакнување на позицијата на жената во семејното земјоделско стопанство и создавање поголема додадена вредност во земјоделското производство, Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, отвори оглас на кој жените земјоделци, до 26 декември, може да се пријават за грант неповратни средства, во висина од 3.000 евра.

Над 90 отсто од потрошената струја е од домашно производство

Во септември годинава, во Македонија биле потрошени вкупно 536.533 мегават-часа електрична енергија, 35.476 милиони нормални кубни метри природен гас, 433.043 тони јаглен и 87.726 тони нафтени продукти.
Според Државниот завод за статистика, 91,6 отсто од потрошената електрична енергија е од домашни извори, а 95,2 отсто од вкупно потрошениот јаглен е употребен за производство на струја.

„Луј Витон“ ја купи „Тифани“ за над 16 милијарди долари

Францускиот производител на луксузна стока „ЛВМХ Моет Енеси Луј Витон“ објави дека постигнал договор за купување на американската компанија „Тифани“ за 16,2 милијарди американски долари. Со договорот вредноста на компанијата „Тифани“ и на нејзините 300 продавници низ светот е проценета на 135 долари по акција, наведуваат од ЛВМХ.
Вредноста на трансакцијата од 16,2 милијарди долари ја надмина минатомесечната понуда од ЛВМХ, која изнесуваше 14,5 милијарди долари.

„Ериксон“ очекува 2,6 милијарди претплати на услугите 5Г до крајот на 2025 г.

Шведскиот производител на мобилни мрежи „Ериксон“ очекува до 2025 година бројот на претплати на услугите во мрежите од новата 5Г-генерација да скокне од годинашните 13 милиони на 2,6 милијарди и да опфати 65 отсто од светската популација
– Охрабрува што 5Г има широка поддршка од речиси сите производители на уреди. Во 2020 година уредите компатибилни со 5Г ќе почнат масовно да се продаваат, што ќе го забрза усвојувањето на 5Г – истакна Фредрик Јејдлинг од „Ериксон Нетворкс“.
До 2025 година претплатите на услугите во 5Г-мрежите ќе сочинуваат 29 отсто од вкупните претплатници на услугите во мобилните мрежи, се вели во полугодишниот извештај за мобилност на „Ериксон“.