Бизнис – инфо

88

Германската железница набавува 30 супербрзи возови

Германската државна железничка компанија Дојче бан (ДБ) порача 30 супербрзи возови од технолошкиот гигант „Сименс“ во вредност од милијарда евра, соопштија двете компании. Со нарачката, капацитетот на ДБ ќе се зголеми за околу 13.000 седишта, се вели во заедничкото соопштение. Исто така, постои опција да се зголеми нарачката за уште 60 воза. Новите возови ќе бидат воведени на железничките линии што ја поврзуваат Северна Рајна-Вестфалија со Минхен.
– Вкупната флота на ДБ ќе се зголеми за 20 проценти во наредните години. Иако побарувачката е нагло намалена поради пандемијата на коронавирусот, долгорочно сè зборува во корист на климатски прифатливиот железнички превоз – рече извршниот директор на Дојче бан, Ричард Луц.
„Сименс“ планира да ги произведе нарачаните возови во погоните во Баварија и во Северна Рајна-Вестфалија, како и во Австрија. Супербрзите возови може да достигнат брзина до 320 километри на час.

Построги услови за кредити во еврозоната

Компаниите од еврозоната успеваа лесно да добијат заеми во вториот квартал благодарение на владините гаранции, но банките може да ги затегнат условите за позајмување во третиот квартал, покажува истражувањето на Европската централна банка. Корона-кризата стави под клуч голем дел од економијата во еврозоната, па компаниите повеќе се потпираа на банкарските заеми за да останат ликвидни, а банките продолжија да ги снабдуваат со пари со клучна поддршка на програмите за државни гаранции.
– Во третиот квартал од 2020 година се очекува банките во целина да ги затегнат условите за кредитирање на компаниите што е поврзано со очекуваното укинување на државните гаранции кај некои големи членки на еврозоната – се вели во соопштението на ЕЦБ.
За потребите на ова истражување, ЕЦБ анкетира 144 банки во периодот помеѓу 5 и 23 јуни, во време кога владите постепено почнаа да ги олеснуваат мерките воведени за борба против пандемијата на коронавирусот.
Истражувањето покажа дека побарувачката на компаниите за кредити повторно нагло се зголеми во второто тримесечје, достигнувајќи го највисокото ниво откако ЕЦБ започна со објавување на истражувањето во 2003 година. Во третиот квартал, растот треба да биде малку послаб, проценуваат банките.
Побарувачката за станбени и потрошувачки кредити нагло опадна во вториот квартал и банките ги заострија условите за нивно одобрување. Во третиот квартал очекуваат овој тренд да продолжи, како и да продолжи закрепнувањето.