Бизнис – инфо

41

Секоја петта германска компанија стравува од пропаѓање

Секоја петта германска компанија не ја исклучува можноста од пропаѓање поради последиците од ударот на коронавирусот врз стопанството, објави институтот „Ифо“ со седиште во Минхен.
– Би можеле да видиме бран инсолвентност во следните месеци во Германија – предупреди Стефан Сауер.
Според резултатите на една анкета, „Ифо“ утврдил дека најголемиот страв од гаснење на бизнисот меѓу германските компании постои во секторот услуги, во кој 27 отсто од инвеститорите оценуваат дека понатамошното работење им е под голем прашалник. Во извештајот на „Ифо“ се предупредува дека голема неизвесност владее и во текстилната индустрија, каде што 38 отсто од инвеститорите не ја исклучуваат можноста за пропаѓање. Загриженост има и во индустријата со хартија каде што 28 отсто сметаат дека ризиците се големи и во индустријата за кожа каде што 27 отсто сметаат дека ризиците се големи. Дополнителна загриженост предизвикува несигурноста во автомобилската индустрија и нивните доставувачи, меѓу кои 26 отсто од инвеститорите под прашалник го ставаат понатамошното работење.

Италијанците стравуваат за економијата и од нов бранна вирусот

Во Италија цените растат во однос на периодот пред пандемијата на ковид-19, покажаа најновите истражувања, додека истовремено приходите на 67 отсто од граѓаните се помали за разлика од февруари.
Постојаното чувство на несигурност влијае на навиките на потрошувачите, од кои 45 отсто изразиле загриженост за економијата на земјата, а повеќе од 70 отсто стравуваат од нов бран заразата наесен, покажа новото истражување, пренесува „Ил соле 24 оре“. Италија е првата европска земја што на почетокот на март воведе строги мерки на карантин за спречување на ширењето на коронавирусот, а од блокадата излезе со постепено олабавување на рестриктивните мерки по речиси три месеца.

Британија ќе им исплаќа бонуси на работодавците што ќе вратат работници

Британската влада ќе се обиде да ја отстрани кризата со невработеноста преку исплата на бонуси за компаниите што ќе ги враќаат работниците отпуштени поради корона-кризата, најави британскиот министер за финансии Риши Сунак.
Според тој план, работодавецот за секој работник вратен на работа ќе добие бонус од 1.000 фунти откако кон крајот на октомври ќе заврши државната програма за субвенционирање на платите на оние што се отпуштени поради корона-кризата.
Преку програмата за зачувување на работните места, британската влада ги субвенционира платите на девет милиони работници, што е еквивалент на повеќе од третина од вкупно вработените во приватниот сектор, а ги поддржува и платите на два милиона самовработени, потсетува „Ројтерс“.