Бизнис – инфо

35

БДП на ЕУ падна за 3,2 отсто

Сезонски приспособеното БДП на ЕУ падна во првото тримесечје за 3,2 отсто во однос на претходното тримесечје, покажуваат најновите процени на Евростат.
На тој начин, Европскиот статистички завод ја ублажи процената од средината на мај, според која економијата на ЕУ во првите три месеца годинава паднала 3,3 отсто.
На ниво на еврозоната, БДП во првото тримесечје е намален за ревидираните 3,6 отсто во однос на претходните три месеци. Според процените од мај, падот изнесуваше 3,8 отсто.
Станува збор за најголемиот пад во двете подрачја од 1995 година, се наведува во извештајот на Евростат.

ИАТА: Воздухопловната индустрија
со загуба од 84 милијарди долари

Кризата предизвикана од коронавирусот кај воздухопловните компании ќе предизвика рекордна годишна загуба од 84 милијарди долари, поради што 2020 година ќе се памети како „најлоша година во историјата на воздухопловната индустрија“, објави Меѓународната асоцијација за воздушен сообраќај (ИАТА).
И додека закрепнувањето на авионските патувања се забрзува во Азија, а повторно постепено се воспоставува во Европа и во Северна Америка, авиокомпаниите ги сумираат трошоците од повеќенеделното неработење, наталожените долгови и намалените шанси за идна побарувачка.
Сепак, во ИАТА очекуваат следната година воздушниот патнички сообраќај да порасне за 55 отсто од депресивното годинашно ниво, но тоа ќе биде и натаму 29 отсто под нивото од 2019 година.
Оваа асоцијација во својата ажурирана процена прогнозира дека воздухопловниот сектор и во 2021 година ќе бележи загуба, и тоа од најмалку 15,8 милијарди американски долари. Така вкупните загуби предизвикани од корона-кризата ќе достигнат близу 100 милијарди долари.

„Шанел“, „Ревлон“ и „Лореал“ се откажуваат од употреба на талк

Козметичките брендови „Шанел“, „Ревлон“ и „Лореал“ полека се откажуваат од употребата на талк во своите производи, по низата судски тужби во САД под обвинение дека предизвикува рак.

Луксузната козметичка компанија „Шанел“ го отстрани талкот од пудрите за лице и за тело поради негативната перцепција за нејзиниот минерален состав, покажаа судските документи до кои имала увид агенцијата „Ројтерс“.
Корпорацијата „Ревлон“ го отстрани талкот од своите производи за нега на телото, додека „Лореал“ бара алтернатива за тој минерал, соопштија овие компании.
Ваквите потези следуваат по истражувањата кај потрошувачките групи, регулаторите и производителите на талк.

Талкот понекогаш се наоѓа во истата карпа како и азбестот, кој има силно канцерогено дејство, а се користи во илјадници разни козметички и производи за лична нега, бидејќи ја апсорбира влагата, спречува потење и ја прави кожата мека. Илјадници тужби поради рак, од 2013 година, беа поднесени и против „Џонсон енд Џонсон“.
Наводите на обвинителите дека азбестната контаминација предизвикала карцином почнале во 2017 година. Со тужби по оваа основа се соочија и други производители на козметика. С.Т.