Бизнис – инфо

34

ЕК размислува за воведување нов корпоративен данок

Европската комисија (ЕК) размислува за воведување нов корпоративен данок со кој би ја финансирала отплатата на долгот поврзан со планираните издвојувања за помош на европските економии и на најтешко погодените сектори со корона-кризата, објави комисијата.
Со новата давачка наменета за корпоративниот сектор, како и со варијантите што се разгледуваат, во буџетот на ЕУ годишно би се слеале околу 10 милијарди евра, што е помалку од 0,2 отсто од прометот што го генерираат големите компании од работењето во ЕУ, велат од ЕК.
Според планот, кој сè уште чека одобрение или измени од земјите-членки, ЕК на пазарот би се задолжила за 750 милијарди евра со кои би ги финансирала издвојувањата за мерките за оживување на економиите погодени од корона-кризата.
Брисел предложи неколку можни давачки како да се финансира отплатата на тој долг, вклучувајќи и нов данок за единствениот пазар, кој би стапил во сила најрано од 2024 година.

Русија забрани увоз на нафтени деривати

Во Русија од оваа недела во сила е привремена забрана за увоз на бензин, дизел, керозин и бродско гориво, воведена како поддршка на домашната нафтена индустрија.
Владата ја донела одлуката за забрана на 25 мај, за периодот до 1 октомври, а дојде откако во април испораките на бензин од Белорусија во Русија по железнички пат нагло пораснале и достигнале 1,5 отсто од вкупната потрошувачка на бензин во Русија.
Тоа, пак, е поврзано со факторот дека многу руски купувачи на белоруско гориво, земајќи ги предвид и трошоците за превоз, плаќале барем 500 рубли помалку по тон отколку да купуваат на домашниот пазар на кој понудата паднала.
Рускиот министер за енергетика Александар Новак рече дека забраната за увоз на евтин бензин во Русија е предложена како принудна антикризна мерка на шест месеци. Тој напомена дека многу земји веќе преземаат ваква мерка, која не е целосно пазарна, но е потребна.