Бизнис – инфо

54

Кина подготвува одговор на американските санкции за „Хуавеи“

Кина е подготвена да стави американски компании на „листата на недоверливи правни лица“ како одговор на одлуката на Вашингтон за блокада на испораката на полуспроводници на „Хуавеи“, јавуваат кинеските медиуми.
Мерките вклучуваат започнување истрага и воведување ограничувања за компаниите како „Епл“, „Циско системс“ и „Квалком“, како и замрзнување на купувањето авиони „боинг“, пишува кинескиот весник „Глобал тајмс“, повикувајќи се на неименуван извор.
Издавач на „Глобал тајмс“ е официјалниот весник на кинеската владејачка Комунистичка партија „Пиплс дејли“. Иако „Глобал тајмс“ не е официјално гласило на партијата, се верува дека неговите позиции ги одразуваат оние на партиските лидери.
Американското министерство за трговија објави дека ќе ги промени прописите за да може прецизно и стратегиски да влијае врз набавката на полуспроводници од страна на „Хуавеи“. 

Расте испораката на паметни телефони во Кина

Производителите во Кина во април испорачале за 17 отсто повеќе паметни телефони за разлика од истиот период лани, покажаа официјалните податоци.
Производителите на телефони во април испорачале вкупно 40,8 милиони мобилни телефони, покажаа податоците на истражувачкиот центар на кинеската академија за информациски и комуникациски технологии.
Бројките покажуваат почеток на закрепнувањето на пазарот за производителите како „Епл“ и „Хуавеи технолоџис“, а можеби и нормализација на поширокиот кинески пазар на технолошки уреди по епидемијата на коронавирусот.

Силен пад на добивката на „Алијанс“ во првототримесечје

Добивката на германската осигурителна компанија „Алијанс“ силно падна во првото тримесечје поради лошите резултати во работењето во сегментот на осигурувањето на возилата и патувањата предизвикани од пандемијата на коронавирусот.
Нето-добивката на акционерите е намалена за 28,9 отсто, на 1,4 милијарда евра.
Компанијата го најави падот уште во прелиминарниот извештај во април. Исто така се откажа од планираното ниво на годишна добивка, наведувајќи ја како причина економската неизвесност поради пандемијата.
Оперативната добивка во првото тримесечје годинава падна 22,2 отсто, на 2,3 милијарди евра.
Вкупните приходи пораснале за 5,7 отсто, на 42,6 милијарди евра.
Стапката на солвентност на капиталот паднала на 190 отсто, од 212 отсто на крајот на минатата година, а би можела да се спушти и под планираните 180 отсто.