Бизнис инфо

71

УЈП: Граѓаните што чекаат поврат на данокот да си ги проверат сметките

Од Управата за јавни приходи бараат од граѓаните што ја користат апликацијата Мој ДДВ за враќање на данокот, да проверат дали внесената трансакциска сметка е точна, за во декември да може да се направи исплата.
– УЈП во декември 2019 година ќе изврши враќање на 15 проценти од платениот ДДВ на трансакциска сметка на граѓаните-корисници на апликацијата Мој ДДВ. За таа цел, за да може да се изврши точно и непречено враќање на данокот, ги повикуваме граѓаните што се корисници на апликацијата Мој ДДВ, да извршат проверка на внесените податоци за трансакциска сметка или доколку не е внесена, да ја внесат во апликацијата Мој ДДВ за да им се изврши враќањето на данокот – стои во соопштението на УЈП.


Со дигитализацијата против сивата економија

Преку мерки за дигитализација на институциите од фискалниот сектор, како Министерството за финансии и Управата за јавни приходи, може значително да се влијае врз намалувањето на сивата економија. Истовремено користејќи ја технологијата, ќе се преземаат и понатамошни мерки за подобрување на фискалната транспарентност, како предуслов за фискална ефикасност. Ова се некои од темите што беа дискутирани на средбата меѓу министерката за финансии, Нина Ангеловска, и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, со заменик-директорот на Меѓународниот монетарен фонд, Тао Жанг, која се одржа во Скопје, а на која присуствуваше и шефицата на канцеларијата на Фондот во Виена, Штефани Ебле.


И Хрватска го сака „Фолксваген“

Хрватскиот министер за економија Дарко Хорват рече дека би сакал „Фолксваген“ да дојде во Хрватска и дека ќе стори сè што може за да се случи тоа, но дека е сè уште рано да се зборува за тоа. Гостувајќи во емисијата „А сега Владата“ на Хрватското радио, Хорват на прашањето колку се реални шансите „Фолксваген“ да дојде во Хрватска по откажувањето од инвестирањето во Турција, рече дека сака инвестицијата вредна 1,6 милијарда евра да дојде во Хрватска.
– Подготвивме инфраструктура и сакаме таков џин во Хрватска, но во овој момент е прерано да се разговара за „Фолксваген“. Ако добијам шанса во непосреден разговор да ги понудам условите што Хрватска може да ги понуди за една таква инвестиција, ќе го сторам тоа – рече Хорват.