Бизнис – инфо

73

Маск ја отвора фабриката во Калифорнија и покрај забраната на властите

Американскиот производител на електрични автомобили „Тесла“ повторно ќе ја отвори фабриката во Калифорнија, објави челникот на оваа компанија Илон Маск, најавувајќи со тоа конфликт со локалните власти околу мерките за сузбивање на пандемијата на коронавирусот.
Маск минатиот викенд се скара со локалните здравствени власти во округот Аламеда и преку твит се закани дека компанијата ќе ја пресели во Тексас или во Невада. Во нов твит, тој потсети дека автомобилските компании во други делови на САД веќе добиле дозвола за продолжување со работа, додека прописите во округот Аламеда засега не го дозволуваат тоа.
Маск бара неговата фабрика во Фримонт веднаш да биде отворена, но локалните власти отворањето го одложија за една недела, за да бидат сигурни дека е запрено ширењето на коронавирусот. 

ЕУ и „Филипс“ потпишаа договор за набавка на респиратори

Холандскиот производител на електронски уреди „Филипс“ потпиша договор со Европската Унија за набавка на респиратори наменети за болниците во Унијата.
– Можам да потврдам дека „Филипс“ потпиша рамковни договори со Европската комисија за испорака на респиратори во согласност со договорот за заедничка набавка во ЕУ – изјави портпаролот на „Филипс“.
Од Европската комисија го потврдија потпишувањето на договорите со „Филипс“ и преостанатите компании, без да ги наведат имињата на другите компании што победија на тендерот, бидејќи постапките сè уште не се завршени. Не ја коментираа ниту цената на набавката.