Бизнис – инфо

47

Над илјада европски економисти се за издавање заедничка
обврзница во еврозоната

Земјите од еврозоната би требало да издадат заедничка обврзница за да можат со што помалку трошоци да го финансираат закрепнувањето на економијата од коронавирусот.
Пандемијата и нејзините економски последици повторно го отворија прашањето за издавање на заедничкиот долг на земјите во еврозоната, овој пат заради финансирање на потрошувачката во здравството и закрепнување на економијата.
Европските земји се поделени исто како што беа во времето на должничката криза. Германија, Австрија и Холандија не се согласуваат со таквиот потег, бидејќи не сакаат да ги преземаат обврските за туѓите долгови.
Италија, Шпанија и Франција, пак, тврдат дека солидарноста во борбата против последиците од пандемијата бара воспоставување заеднички механизам на издавање на долгот за да се намалат трошоците на задолжувањето.
Нивниот став го поддржуваат повеќе од 1.100 европски економисти во отвореното писмо, кое под насловот „Европски обврзници за обнова за отстранување на последиците од европската здравствена и економска криза“ би требало да биде објавено в понеделник во неколку европски весници.

Производителите на нафта се блиску до договор

Земјите производители на нафта од ОПЕК, вклучувајќи ги и Саудиска Арабија и Русија, се блиску до постигнување договор за намалување на производството, за да се стабилизираат пазарите, под услов тоа да го направат и САД, пренесува Ројтерс.
Повикувајќи се на извори од ОПЕК, агенцијата наведува дека договорот би требало да биде верификуван в четврток.
Претходниот договор за намалување на производството престана да важи минатиот месец, откако Русија и Саудиска Арабија не постигнаа договор.
Избувнувањето на пандемијата на коронавирусот предизвика нарушувања на пазарот и намалување на побарувачката за околу 30 отсто, а со тоа и пад на цените на нафтата, поради што производителите групирани во ОПЕК и оние што не се членови на оваа група, како што е Русија, се обидуваат да го усогласат производството и да го стабилизираат пазарот и цените.
Тие, меѓу другото, инсистираат производството да го намалат и другите производители, пред сè САД.

„Боинг“ го суспендира производството на моделот „787“

Компанијата „Боинг“ соопшти дека привремено ќе запре со производството на авионот „787“ во своите погони во американската сојузна држава Јужна Каролина поради пандемијата на корнавирусот.
Соопштението следува откако гувернерот на Јужна Каролина издаде наредба во која се повикуваат граѓаните да останат дома, освен во случај кога им е неопходно да излезат, пренесува Ројтерс.
„Боинг“ викендов на неограничено го продолжи запирањето на производството во објектите во сојузната држава Вашингтон.