Бизнис – инфо

41

Лоши прогнози за економијата на Африка

Околу 20 милиони работници би можеле да останат без работа во Африка, во која економиите на повеќето земји ќе доживеат пад оваа година поради последиците од пандемијата на коронавирусот, се наведува во студијата на Африканската унија (АУ).
Иако во Африка досега се забележани помалку случаи со коронавирус отколку во другите делови на светот, економиите на африканските земји веќе се соочуваат со глобален пад на економскиот тренд.
Пред пандемијата, Африканската развојна банка прогнозира дека бруто-домашниот производ на континентот ќе достигне раст од 3,4 отсто оваа година.
Но студијата на Африканската унија сега предвидува пад на БДП.
Според мислењето на аналитичарите на АУ, реално сценарио би било африканската економија да опадне за 0,8 отсто, додека песимистичкото сценарио предвидува пад за 1,1 отсто.

Покрај тоа, се заканува и исчезнување и до 15 отсто на странските директни инвестиции, а последиците по вработеноста ќе бидат драматични.
– Речиси 20 милиони работни места, во формалниот и неформалниот сектор, се загрозени и на континентот му се заканува уништување доколку продолжи ситуацијата – се вели во анализата.
Африканските влади би можеле да загубат и до 30 отсто од своите фискални приходи, кои во 2019 година се проценети на 500 милијарди долари.
Исто така, увозот и извозот ќе бидат 35 отсто помали во однос на 2019 година, што значи загуби во трговијата од околу 270 милијарди долари.
Според процените, најлошо ќе бидат погодени производителите на нафта во Африка, па само Нигерија и Ангола би можеле да загубат 65 милијарди долари приходи.
Загуби ќе претрпат и земјите што важат за туристички дестинации.

Над 90 земји бараат помош од ММФ

Повеќе од 90 земји побарале од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) вонредна финансиска помош поради панедемијата на ковид-19, која доведе до економска криза без преседан, изјави директорката на ММФ, Кристалина Георгиева.
– Никогаш во историјата на ММФ не сме биле сведоци на запирање на светската економија – рече Георгиева на заедничката онлајн-конференција за медиумите со Светската здравствена организација.
Според неа, најтешко се погодени економиите во развој и растечките економии, кои загубиле речиси 90 милијарди долари.
– Сега сме во рецесија. Многу е полошо отколку глобалната финансиска криза од пред десетина години – додаде Георгиева.