Бизнис – инфо

89

Германија би можела да инвестира милијарди во „Луфтханза“

Германската влада преговара со „Луфтханза“ за да ѝ обезбеди милијарди евра државна помош со кои би можела да земе удел во оваа воздухопловна компанија, која поради пандемијата на коронавирусот приземји повеќе од 90 отсто од својата флота.
– Во близок контакт сме со сојузната влада поради обезбедување на нашата ликвидност – рече портпаролот на „Луфтханза“, без да даде дополнителен коментар.
Добро упатени извори во преговорите велат дека „Луфтханза“ во разговорите со германската влада соработува со банките, вклучувајќи ја и Дојче банк, но оттаму не ги коментираат овие информации.
Минатата недела „Луфтханза“ соопшти дека сè уште не се пријавила за државна помош, но дека разговара со заемодавците и со властите за тоа каква помош би била можна.
Еден од конкурентите, „Американ ерлајнс“ има намера да поднесе барање за државна помош од САД, во износ од 12 милијарди долари. Се претпоставува дека на „Луфтханза“ најверојатно ќе ѝ биде потребна државна помош со сличен износ.

Привремено запрено производството на мексиканското пиво „корона“

Мексиканската компанија што го прави светски познатото пиво „корона“ соопшти дека привремено го запира производството.
Едно истражување покажало дека дури 38 отсто од Американците не сакаат да го купуваат ова пиво, додека на Гугл е сè попопуларно пребарувањето „корона пиво вирус“, што, според оцените, му наштетува на брендот.
Покрај името, кое сега стана одбивно, загубите се поврзани и со изолацијата, бидејќи сè помалку луѓе се дружат и излегуваат, а пазарот на овој пијалак се заснова токму на ноќниот живот.
Мексиканската влада оваа недела прогласи вонредна состојба поради епидемијата на коронавирусот и нареди суспензија на неесенцијалните производствени активности во земјата. Според податоците од четвртокот, во Мексико заболеле 1.510 луѓе, а 50 починале.

Расте побарувачката на ѓумбир во Русија

Продавачите во Русија забележуваат зголемена побарувачка на ѓумбир во време на пандемијата на ковид-19, соопштија претставници на трговската групација „Икс5“ и синџирот супермаркети „Магнит“.
– Бележиме зголемена побарувачка за ѓумбир, бидејќи муштериите, во желба да се заштитат од инфекцијата, го засилуваат сопствениот имунолошки систем – изјави претставник на компанијата „Магнит“, пренесува Тасс.
Претставници на трговската групација „Икс5“ велат дека оваа компанија се обидува да договори увоз на ѓумбир од нови земји, бидејќи епидемиолошката ситуација е неповолна во земјите од кои традиционално се увезува оваа намирница.