Бизнис – инфо

93

ОН: Можен е недостиг од свежо овошје и зеленчук

Поради мерките што ги спроведуваат владите низ светот би можеле да останеме без свежа храна, овошје и зеленчук.
– Најлошото што може да се случи е владите да го ограничат протокот на храна – кажа Максимо Тореро, главен економист во Организацијата за храна и земјоделство при ОН, за „Гардијан“.
Тој додаде дека наскоро би можеле да се соочиме со последиците од ваквите потези. Официјалниот претставник на ОН предупредува дека протекционистичките мерки и трговските бариери ја влошуваат ситуацијата, создавајќи „екстремна нестабилност“. Посебен проблем е што некои земји сега немаат работна сила за берба поради затворањето на националните граници и ограничувањата за движење во карантин. Земјоделците во Франција, Шпанија и во Италија предупредуваат дека овошјето и зеленчукот брзо ќе зреат и ќе изгнијат ако не се промени ситуацијата. За да не пропаднат тони овошје, Германија, каде што има недостиг од 300.000 сезонски работници, отвори специјална веб-страница да им помогне на земјоделците да се поврзат со студенти или работници чии работни места се затворени поради епидемиските мерки, како оние од услужниот сектор.

Кина планира посериозни мерки за заживување на економијата

Кина планира да воведе посериозни мерки за заживување на економијата погодена од епидемијата на коронавирусот. Владејачката Комунистичка партија повика на проширување на буџетскиот дефицит, поголемо издавање обврзници на локално и национално ниво, намалување на каматните стапки, одложување на отплатата на кредитите, намалување на ограничените или недостапните ресурси, како и поттикнување на потрошувачката. Се очекува министерствата во Кина да ги усвојат предложените мерки и да биде одобрена помош од неколку стотици милијарди долари.
Во Кина не се регистрирани нови случаи на пренесување на вирусот во земјата и тој, практично, е под контрола. Сите новорегистрирани случаи на заразени со вирусот се повратници, односно од странство.
Поради овие причини, како што пишуваат странските медиуми, фокусот на надлежните сега е посветен на обнова на економијата. Отворени се сите супермаркети, прехранбени продавници, трговски центри и фарми, како и 80 проценти од рестораните и 60 проценти од хотелите.