Бизнис – инфо

57

Германија размислува за поттици во постепидемискиот период

Германскиот министер за финансии Олаф Шолц е подготвен да размисли за пакет мерки за поттикнување на економијата за периодот по епидемијата со коронавирусот, иако расправата во Владата за оваа тематика штотуку започна.
– Сè уште нема конкретни предлози… Владата во моментот е фокусирана на борбата против пандемијата, заштитата на здравјето на населението и на спроведување на програмата за спас на работните места и на компаниите во криза – изјави висок германски функционер, кој посака да остане анонимен.
Друг извор упатен во разговорите рече дека сè уште е прерано за расправа за пакетот поттици за постепидемискиот период, кој би требало да ја поткрепи економијата по првите знаци на закрепнување. Според него, засега никој не може да даде сериозен одговор на прашањето колку долго ќе трае пандемијата и колкави ќе бидат економските штети.
Германската влада на почетокот на неделата усвои пакет мерки во вкупна вредност до 750 милијарди евра, кои би требало да ги ублажат последиците од пандемијата на коронавирусот во најголемата европска економија. Владата наедно реши да се задолжи првпат од 2013 година.

Русија апелира за дигитално плаќање, го намалува количеството банкноти во оптек

Русија им порача на потрошувачите и на компаниите да ја заменат готовината со дигитално плаќање, а на банките да го ограничат количеството банкноти во оптек за да се забави ширењето на коронавирусот.
Регулаторот за заштита на потрошувачите „Роспотребнадзор“ ги советува Русите да преминат на безготовинско плаќање, повикувајќи се на насоките на Светската здравствена организација, во кои се наведува дека вирусот на банкнотата може да се задржи три до четири дена.
Дигиталното плаќање е вообичаена појава во големите руски градови, но голем дел од населението сè уште се потпира врз готовината.
Во извештајот за дигитално банкарство во Европа, на Блискиот Исток и во Африка, Русија е прогласена за „дигитален првак“.
Поради епидемијата, руската централна банка сега ги чува банкнотите 14 дена во сеф пред да ги дистрибуира, а истото тоа го бара и од комерцијалните банки.
Банките, исто така, мораат да го намалат количеството на пари во банкоматите, во кои благодарејќи на можноста за уплата се користат истите банкноти, и редовно да ги дезинфицираат. Ограничувањата не се однесуваат на банкоматите што не нудат можност за уплата и кои банките сами ги полнат.