Бизнис – инфо

60

Трговијата со фалсификувани лекови достигна четири милијарди евра

Тргувањето со фалсификувани фармацевтски производи во светот тежи речиси четири милијарди евра, а најчесто се фалсификуваат антибиотиците. Овој вид трговија ја олеснува и сè поголемиот број достави на мали пакети, се вели во извештајот на канцеларијата за интелектуална сопственост при ЕУ (ЕУИПО) и на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
Извештајот ги анализира податоците од царинските заплени за периодот од 2014 до 2016 година.
– Најчесто се фалсификуваат антибиотиците или лековите за подобрување на квалитетот на животот, како и оние против болки, но цариниците во заплените нашле и други фалсификувани лекови, како оние против рак, дијабетес, маларија, за лекување ХИВ, болести на срцето и локални анестетици – се наведува во извештајот.
Светската здравствена организација (СЗО), која беше еден од изворите за време на студијата, проценува дека лековите што не ги задоволуваат стандардите, како и фалсификатите против маларија, само во супсахарска Африка предизвикуваат речиси 116 илјади смртни случаи годишно.

Шпанската економија значително забави

Економските активности во Шпанија значително се забавени минатата недела, Откако владата презеде мерки за сузбивање на ширењето на коронавирусот, предупреди шпанската министерка за економија Надиа Калвино.
Оваа четврта најголема економија во еврозоната е во карантин од 14 март и сите продавници, освен супермаркетите и аптеките, се затворени, а во редица фабрики беше запрено производството на автомобили.
– Економската активност, која беше динамична до февруари, минатата недела значително забави, додека е релативно вообичаена во индустријата за храна, електрична енергија, гас, вода и во телекомуникациите – рече министерката на прес-конференција.
Премиерот Педро Санчез минатата недела предупреди дека економијата, веројатно, ќе забележи пад на активностите во 2020 година. Во рамките на планот за ублажување на влијанието на пандемијата на коронавирусот, шпанската влада најави пакет тежок 200 милијарди евра за поддршка и помош на компаниите.

На словенечките компании им е потребна помош од две до четири милијарди евра

Словенечката стопанска комора оценува дека домашните економски субјекти имаат итна потреба од две до четири милијарди евра помош за зачувување на што повеќе работни места и за одржување на ликвидноста во време на епидемијата со коронавирусот.
– Состојбите секој ден се сè поалармантни – наведуваат од комората и ја повикуваат Владата што поскоро да го донесе најавениот пакет економски мерки, а ја објавија и анкетата за тоа како гледаат водствата на словенечките компании на развојот на ситуацијата.
На „сериозни“ проблеми во поглед на влијанието на пандемијата врз економијата предупредија 93 отсто од учесниците во анкетата, 40 отсто сметаат дека во март оваа година поради пречки во работењето ќе имаат за околу 70 отсто помал приход во однос на истиот период лани, 18 отсто очекуваат пад на приходите од 50 отсто, а најмногу тешкотии очекуваат во малите и во микропретпријатијата, покажа анкетата.
Повеќе од половина од анкетираните компании најавуваат намален опсег на работење во периодот од три до шест месеци, додека 32 отсто оценуваат дека тој период предизвикан со коронавирусот и последиците на пандемијата ќе трае и повеќе од шест месеци.