Бизнис – инфо

36

Иницијатива за воведување евтина тарифа на струјата

Граѓаните преку онлајн-петиција бараат евтина тарифа на цените за електрична енергија во текот на целото деноноќие во периодот додека трае вонредната состојба поради коронавирусот. Иницијаторите бараат итно воведување за спречување на сиромаштијата поради зголемени износи на сметките за струја, но и опасноста дел од вработените да останат без работа.
– Опасноста од забрзано ширење на коронавирусот е реалност. Ги поздравуваме здравствените мерки преземени од Владата и Министерството за здравство и наредбите за самоизолација. Но истовремено ја потенцираме опасноста од настанување нов проблем, а тоа е социјалната криза и сиромаштија, која ќе ја предизвикаат здравствените мерки доколку не бидат навремено проследени со социјални мерки – е наведено од страна на иницијаторите, кои истакнуваат дека поради самоизолацијата се зголемуваат режиските трошоци (повисоки сметки за струја, вода, греење итн.). Во петицијата е истакнато дека во оваа ситуација многу граѓани може да останат без работа поради затворање одредени производствени дејности, но и поради веќе стопираните услужни дејности.

Американските угостители бараат помош од 455 милијарди долари

Американското здружение на ресторани побара од челниците во Белата куќа и во Конгресот пакет помош вреден 455 милијарди долари, бидејќи тој сектор би можел да загуби речиси половина од вработените и најмалку четвртина од годишниот приход поради коронавирусот.
Националното здружение на ресторани соопшти дека рестораните во следните три месеци би можеле да загубат 255 милијарди долари промет, што е четвртина од нивниот вкупен проценет промет од 899 милијарди долари.
Поради можноста рестораните да бидат затворени или да ги пренасочат своите операции на испораки, индустријата би можела да остане без седум милиони од вкупно 15,6 милиони работни места и да загуби 675 милијарди долари, наведе ова здружение во писмото упатено до претседателот Доналд Трамп и до челниците во Конгресот.

Владата им препорача на банките предвреме да исплатат пензии

Владата им препорача на банките порано да обезбедат исплата на пензиите, поточно од 28 март. Препорака следува по одржаната владина седница, но по претходна комуникација меѓу вицепремиерката Мила Царовска и претставниците на Македонската банкарска асоцијација.
– По добиеното известување од Македонската банкарска асоцијација, кабинетот на вицепремиерката предложи, а Владата прифати да им се препорача на деловните банки да обезбедат исплата на пензии од 28 март – е наведено во соопштението.