Бизнис-заедницата има рецепт за зголемување на економскиот раст

254

Бизнис-заедницата е практична. Таа на теренот ги чувствува и пречките и предностите што ги овозможува или ги наметнува системот. Преголемата регулираност на односите во државата може да создаде лавиринт од правила во кој ретко кој може да се снајде. Се чувствува потреба и од дерегулација во одредени области. Но, сепак, како и да се земе, за динамизирање на економскиот раст, неопходно е што побргу уредување и прецизирање на односите меѓу јавниот и приватниот сектор

Во изминатите денови бизнисот со право повторно беше изваден да биде во фокусот пред релевантните чинители во државата. Бизнис-заедницата и коморите извршија притисок, поддржан од медиумите, да се третира економијата со највисок приоритет и да се дебатира за економијата на сите нивоа.
Предничи Стопанската комора на Македонија при што иницира клучни економски прашања, предлага решенија и чекори и истите тие ги испорача до надлежните државни органи. Таа направи посебен осврт на суштински аспекти и активности, кои не се спровеле во целост, поради тоа што приоритетите на Владата и на комората, како претставник на интересите на бизнисот, честопати се разидувале, а понекогаш и недоволно или несоодветно се спроведувало во практика она што е договорено или напишано на хартија.
Според професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети, генерално е голема потребата за соработка помеѓу јавниот сектор (Владата) и приватниот сектор (коморите).
– Имено, треба да се почне од уредување на економскиот систем, не може договорно да се регулира до каде државата „ќе ги пушти рацете“ во приватниот сектор. Договорниот концепт е минато, сега приватниот сектор треба да биде најважниот при дизајнирање и креирање на економскиот систем и политики и секако дека треба да се слуша гласот на коморите. Ние сѐ уште имаме секторски политики, кои сѐ уште се конјунктурни, како во енергетиката, телекомуникациите, услугите, екологијата, можеби како инерција на претходните владини политики, кога на жалост не сите комори биле звучни и конзистентни во тој процес – појаснува Беџети.

Неодамна, во „Нова Македонија“, комората ги претстави развојните перспективи на коморскиот систем и клучните прашања за нивното работење, не за да ги критикуваат или напаѓаат државните органи и институции, како што велат оттаму, туку да бидат активен чинител во подобрувањето на економските текови во државата, во подобрувањето на условите за водење бизнис, во зголемување на економскиот раст, во работата на подобрување на инфраструктурата, инвестициите и извозот.
– Тоа ќе го сториме со предлагање конкретни мерки и активности наместо критикување, со директно учество во сите процеси што го засегаат бизнисот наместо набљудување, со вклученост во креирањето стратегии и политики што се клучни за поттикнување на економскиот пораст, наместо со давање забелешки за нив – нагласија тогаш од Комората.
Претседателот на СКМ, Бранко Азески, нагласи дека и покрај свесноста дека преголемата регулираност на односите во државата може да создаде лавиринт од правила во кој ретко кој може да се снајде, и покрај личниот став за потребата од дерегулација во одредени области што тој го има, вели дека, сепак цени за потребно да укаже на неопходноста од уредување на односите меѓу јавниот и приватниот сектор „на хартија“.
– Оправданоста за ваков чекор се состои во важноста секој да си го знае местото во системот. Како следбеници на континенталниот правен систем, се практикува односите во државата да се уредуваат со пропис, па можеби затоа оние области и релации што не се регулирани со закон, договор или со друг пропис, сметаме дека не се ни значајни. Поради тоа, сметам дека со склучување договор помеѓу државата и приватниот сектор, односот помеѓу двата субјекта ќе добие поголемо значење – објаснува Азески.

Според него, со ваков договор прецизно ќе се дефинира каде престанува мешањето на државата во приватниот сектор, кои се обврските на приватниот сектор спрема државата и како ќе се спроведуваат тие за да бидат ставени во функција на економскиот развој, наместо како да се дејствува стихијно и инцидентно во градењето на релациите со бизнис-заедницата и дефинирањето на стратегиските приоритети, почнувајќи од обврската за консултација на бизнисот при донесување на прописите. Зголемување на квалитетот и брзината на јавната администрација, поддршката и промоцијата на извозот, па сѐ до подобрувањето на состојбите во правосудството, создавање кадар во согласност со потребите на стопанството, квалитетен економско-социјален дијалог, индустриски политики и стратегии за развој.
– Менаџерите и сопствениците на капиталот се свесни дека мораат да ги исполнуваат своите обврски кон државата, вклучувајќи го особено плаќањето на јавните давачки, но истовремено сакаат да бидат уверени дека тие средства ќе бидат искористени во интерес на бизнисите и на граѓаните, и тоа мора да биде регулирано на соодветен начин. Како организации што најдиректно ги претставуваат бизнис-интересите на претприемачите, сме единствен природен, незаобиколен партнер на јавниот сектор и единствено во партнерство можеме да ја постигнеме заедничката цел – забрзан економски развој – нагласува Азески.
Од комората додаваат дека вреди да се повтори и ставот на познатиот британски премиер Харолд Вилсон, во седумдесеттите години на минатиот век, кој вели: „Подобро е комората да ја имаме како партнер на Владата, во конципирање на законите, отколку како опонент во нивната примена“.

– Повеќе од јасно е дека вклучувањето на засегнатите страни, меѓу кои и комората како глас на бизнис-заедницата, во процесот на процена на влијанието на регулативата може да обезбеди дополнителни информации потребни за дефинирање на новите регулативи. Токму ова клучно прашање поврзано со консултациите на бизнисот за правната регулатива заслужува посебно внимание при регулирањето на односите меѓу јавниот и приватниот сектор со посебен договор, кој со сигурност ќе овозможи да се создаде недвосмислена, јасна и применлива регулатива, а ќе биде и предуслов за поттикнување на економскиот раст во здрави и стабилни правно уредени услови на стопанисување – истакнуваат од Стопанската комора на Македонија.
Оттаму додадоа дека како едно од позначајните прашања, каде што постои определен расчекор и возење на различни колосеци е и прашањето за надворешнотрговското работење и приоритетите на државата и бизнисот во овој дел.
– Приоритет на Владата во изминатиот период беше, пред сѐ, привлекувањето на странските инвестиции, а на коморите освојување нови пазари. Без согласување на приоритетите меѓу јавниот и приватниот сектор, последиците за бизнисот ќе бидат големи – напоменаа од СКМ.

Тие велат дека има повеќе видови инвестиции, странски, кои ги очекуваат и за кои ветуваат многу поволности, странски инвестиции што се тука и кои укажуваат на одредени разочарувања произлезени од начинот на кој функционираат, и домашните инвестиции, кои се тука и укажуваат на инвестиции што не ги поттикнуваат.
– Сепак, странците што се одлучија да инвестираат, привлечени од поволностите, ни даваат до знаење дека постојат фелери во нашиот систем што тие не можат да ги разберат. Од моментот на изнесување на идејата за формирање индустриски зони во земјава и за агресивно привлекување странски директни инвестиции, што е директно поврзано и со создавањето пријателска бизнис-клима, домашната бизнис-заедница беше во одредена мера запоставена. Членките на Стопанската комора на Македонија, не само што ја поддржуваат секоја бизнис-иницијатива, туку и во рамките на секторските здруженија и совети имаат свои членки од слободните зони, што го потврдува фактот дека бизнис-заедницата нема ништо против интензивното привлекување странски инвестиции, но домашните компании (овде вклучувајќи ги и странските инвеститори што имаат регистрирани бизниси надвор од зоните) бараа изедначување на условите за водење бизнис на домашните и на странските инвеститори во зоните, за да се избегне нерамноправниот третман на пазарот – велат од СКМ.
Оттаму го споменаа и клучното прашање за создавање кадар во согласност со потребите на стопанството.
– Бизнисот постојано укажува на потребата програмите, плановите и активностите на Владата да бидат реални и остварливи. Тоа е можно само доколку се направи попис на сите индикатори што се битни за градење стратегија, бидејќи само така ќе имаме добра појдовна основа за планирање, проектирање и преземање конкретни реформски чекори во економијата или во која било друга област – велат од СКМ.