Бизнисот бара доверба, сигурност и правен континуитет

339
Можности има, потребно е да се утврдат цели - Фото: Маја Јаневска-Илиева

ИСТРАЖУВАЊЕ: УШТЕ ТРИ СТРАНСКИ КОМОРИ СО ЗАБЕЛЕШКИ ДО ВЛАДАТА

Деловното опкружување во земјата сѐ уште не е на задоволително ниво, а ситуацијата дополнително ја влошуваат административните и законските оптоварувања за компаниите и недостигот од кадри, како и немањето стратегија за економски развој

Петранка Огнаноска
Катерина Панчевска

Недоволно владеење на правото, сива економија, корупција, недостиг од еднакви правила на игра за сите чинители во економијата, бавно работење на државните служби при решаваше одредени акутни проблеми од административен и технички карактер, се само некои од проблемите со кои, меѓу другите, се соочуваат компаниите членки на Американската стопанска комора, Македонско-руската стопанската комора и Македонско-турската комора.

„Нова Македонија“ ја спроведе оваа сондажа по лошите оцени од анкетата за деловната клима на членките на Делегацијата на германското стопанство во Македонија, која беше изнесена пред неколку дена.
– Деловното опкружување на земјата сѐ уште не е на задоволително ниво. Најголемите проблеми се недоволното владеење на правото, кое не влева сигурност, огромната сива економија, која ја убива конкурентноста, корупцијата, и недостигот од еднакви правила на игра за сите чинители во економијата. Ситуацијата дополнително ја влошуваат административните и законските оптоварувања за компаниите, недостигот од кадри, како и немањето стратегија за економски развој – велат претставниците на Американската стопанска комора, истакнувајќи дека овој впечаток е резултат на сознанијата од разговорите со нивните компании членки, а не на анкета.

Од Американската стопанска комора (АмЧам), во која членуваат 130 странски и домашни компании во Македонија, истакнуваат дека соработката со Владата се подобрува, и притоа истакнаа дека секогаш има простор за уште поголема соработка.
– Приватниот сектор мора да биде партнер на Владата во носењето на економските политики. Владата испушти неколку шанси да воспостави конструктивна соработка со приватниот сектор во врска со клучни економски прашања, како што беше случајот со прогресивниот данок, што предизвика резигнираност и ја продлабочи недовербата помеѓу јавниот и приватниот сектор – појаснуваат од Американската стопанска комора.
Оттаму додаваат дека приватниот сектор бара предвидливост, стабилност и транспарентност во креирањето на политиките за да може економијата да расте и за да привлече повеќе странски инвестиции.

И претставниците на Македонско-руската стопанска комора (МАРУКО) посочија дека не правеле посебно истражување за деловната клима во земја, бидејќи немало барање од членките што се со руски капитал, сепак, посочуваат дека има одредени забелешки, констатации и поплаки за деловното опкружување во земјава од нивните членки.
– Одредени поплаки се појавуваат на сметка на бавноста на државната администрација при решавање на одредени акутни проблеми од технички карактер – велат од Македонско-руската стопанска комора, каде што повеќето се македонски компании што реализираат трговски односи со руски партнери.

Од оваа комора, која е економско-социјален партнер на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со оглед на тоа дека најголемиот дел на трговијата на Република Северна Македонија со Руската Федерација е во земјоделско-прехранбениот сектор, истакнуваат дека односите може да ги оценат како одлични.
– Во таа насока договорено е набрзо да се активира меѓувладината трговско-економска и научнотехничка комисија и се очекува по пауза од пет години да се одржи нова седница во наредните месеци. Претставници од Македонска-руска стопанска комора се членки на работната група за трговска економска соработка и активно учествуваат во нејзината работа со што се придонесува за подобрување на деловната клима и развој на економските односи меѓу двете земји – посочуваат од МАРУКО.

Тие велат дека државата во последните осум години активно финансиски го поддржува учеството на македонски компании на значајни саемски манифестации во организација на Македонска-руската стопанска комора во Руската Федерација, а од оваа година го финансира и постојаниот трговско-изложбен центар Македонскиот дом во Москва.
– Сево ова е во правец на олеснување на влезот на македонски компании на рускиот пазар преку субвенционирање на нивните трошоци. На тој начин ваквите мерки треба да придонесат за зголемен извоз во Руската Федерација и постепено намалување на трговскиот дефицит – дополнуваат од комората.

Претседателот на Стопанската комора Македонија – Турција (МАТТО), Ајдован Адемоски, нагласи дека од 2012 година заклучно со 2018, според Народната банка, во Македонија се влезени директни инвестиции од Турција од над 1,7 милијарда американски долари.

– Во 2018 година се влезени 42,53 милиони американски долари директни турски инвестиции, а трговската размена изнесуваше 5,2 милијарди американски долари. Тоа е првичната слика за македонско-турските економски односи од коe може да се заклучи дека Македонија е инвестициска и деловна дестинација за турскиот бизнис – вели Адемоски.

Тој додава дека тековната година е година на реализација на многу промени, вклучувајќи ја промената на името на државата, процесот на вклучување во НАТО и доближување до ЕУ со перспектива за членство.

– Овие фактори со геостратегиската положба на Република Северна Македонија создават новото милје, податливo за инвестирање и развивање на бизнисите генерално, а особено во однос на Република Турција. Приватно-јавниот дијалог е предуслов за општ напредок на секое општество, вклучувајќи ја и економијата. МАТТО, во својата десетгодишна работа, има остварено непосредни контакти со сите државни агенции, министри и со премиерите. Така, можевме непосредно да се запознаеме со тековните политики или да пренесеме одредени проблеми – истакнува Адемоски.

Македонски компании, истакна претседателот на МАТТО, кои не се членки на оваа комора им се обраќале за проблеми со кои се среќаваат во деловни односи со турските партнери, а од друга страна на турски компании им се обраќале за да најдат партнер.
– Генерално, турските инвеститори се задоволни со деловната клима што покажуваат и бројките. За странскиот инвеститор најбитни се довербата, сигурноста, правниот и општиот континуитет на практиките. Поефикасната администрација (брзина и знаење) е битна за побрза реализација на

која било инвестиција. Тука сѐ уште треба да се работи и на конзистентноста во примената на прописите. Сѐ уште е потребна поголема подготовка на
стопанството за какви било промени, од идејата до изградба на регулативата, за да се избегнат шок-ситуациите како што беше со персоналниот данок – смета Адемоски.
Тој истакна дека туѓите искуства не можат да се калемат на различни содржини, но сметаат дека билатералните комори треба да се искористат за пренос на знаење.

– Во 2015 година, го поканивме директорот на УЈП како гостин на управниот одбор, разговарајќи за практиката на Република Турција дека нема индивидуално пријавување на данокот, бидејќи е поврзан со надлежните институции. Дури во 2019 година, компаниите во Македонија ќе треба да се сретнат со истата практика – објаснува Адемоски.

Неговото размислување е дека деловното опкружување секогаш и секаде може да биде подобро и тоа е динамично како што е динамична економија во светот, но прашањето негово е дали се има цел, политичка волја и ресурси за да се следи таа динамика.

– Решенијата се најдобри кога произлегуваат од потребите на економските оператори, а се водени од целите на развој на земјата. Македонија беше скоро три декади во лер и сега имаме шанси да направиме чекор. Но нам ни е потребен долгорочен план на развојот на Македонија. Дали ќе биде економија заснована на земјоделство, на екстрактивни индустрии, дали ќе биде транспортен центар на Коридорите 10 и 8, дали ќе бидеме преработувачка индустрија за трети пазари, дали ќе развиваме туризам… Ние немаме мастер-план, и без него ќе имаме адхок-инвестирања, кои, всушност, и нема да носат долгорочен развој – нагласува Адемоски.

Како што вели тој, турските инвеститори ценат дека Законот за финансиската поддршка на инвестиции треба да застане зад инвестициите во туризам и треба да се поддржи основање на мали и на средни компании во земјоделството, сточарството, кои би биле производителите, преработувачите и извозниците.

– Македонските производи, специфични за климатските услови, како артичока, шпаргла, шери-домат… би нашле пазар во Северна и Источна Европа. Македонското јагнешко месо, преработки, сирења, ајвари, имаат сигурни купувачи во Турција – истакна Адемоски.
Тој вели дека во 2018 година, 15.000 турски туристи ги посетиле бугарските зимски центри, дека 4.000 турски студенти студираат на Малта, додека во Македонија ги има 2.500.

– Можности има, само се потребни утврдени цели од кои нема да има отстапувања, како и осмислена поддршка на државата – заклучува Адемоски.
По сите овие, но и голем број други претходно изнесени согледувања, тешко е во бројки да се изрази колку условите за стопанисување се поволни и за домашните и за странските компании во земјава, но како што објасни директорот на Делегацијата на германското стопанство во Македонија, Патрик Мартенс, треба постојано да работи за процентот на компаниите што би биле задоволни да се зголеми.

[email protected]
[email protected]