Бектеши најави еднострано раскинување на пет договори за концесии на минерални суровини во Лабуништа

105

Министерот за економија Крешник Бектеши на прес-конференција информираше дека Владата на последната седница, по предлог на Министерството за економија донесе одлука за еднострано раскинување на пет договори за концесии за неметалични минерални суровини во околината на Лабуништа.

Како што информираше министерот, овие концесии се одземени со цел да се заштити здравјето на локалното население, но и на животната средина во овие региони.

– Имам голема чест и задоволство да објавам дека со оваа одлука се реализира уште едно ветување кое го дадовме на граѓаните, посебно за жителите на село Лабуништа. За време на вонредната состојба настаната заради епидемијата предизвикана од вирусот ковид-19, жителите на селото Лабуништа продолжија да ги доставуваат барањата за одземање на доделените концесии за експлоатација на неметалични минерални суровини во близината на селото, до Министерството за економија, укажувајќи и дека настанатата прашина при минирање, експлоатирање, сепарирање и транспорт на минералната суровина значително го нарушува здравјето на жителите на селото – кажа Бектеши.

Министерот потсети дека уште минатата година при неговата посета на селото Лабуништа, одржа средба со жителите и лично изврши увид на состојбата на терен, на условите во кои работат концесионерите, но и шететите со кои секојдневно се соочуваат жителите во ова село предизвикани од работата на каменоломите.

– Тогаш најавив, дадов ветување на жителите во овој регион дека каменоломите во Лабуништа нема да работат, односно Министерството за економија ќе ги направи сите чекори , согласно законските можности за раскинување на договорите за концесија на концесионерите кои работат во тој регион.Како што ветив, денеска ми е чест да објавам дека жителите на овие два региона можат да бидат спокојни. Со ова се става крај на опасноста со која се соочуваа жителите на Лабуништа – кажа Бектеши.

Како што информираше министерот, во околината на селото Лабуништа одземени се вкупно 5 концесии за експлоатација, а согласно Законот за минерални суровини и согласно Уредбата врз основа на која се донесени, во случај на едностран раскин на договорот за концесија за експлоатација по овој основ, концесионерот може да поднесе барање за добивање на нова концесија за експлоатација на минерална суровина на друг локалитет во рок од 60 дена од денот на влегување во сила на одлуката за едностран раскин на договорот и доколку позитивно се изјаснат сите надлежни институции и општината каде што се наоѓа локалитетот, тогаш концесијата ќе ја добијат директно за експлоатација.