Без работници во индустријата, апсурд е скок на економијата

222

Каков импакт ќе има намалувањето на бројот на работниците во индустријата? Како да се дојде до поголема продуктивност на македонските работници? Со кои механизми може да се подобрат продуктивноста и бројноста на опфатот на работниците во индустријата? За овие теми побаравме мислење од домашните економски експерти, со намера да се пронајде решение за поголема продуктивност и вработеност во македонската економија

Последните податоци што ги објави Државниот завод за статистика укажуваат на пад на бројот на работниците во индустрискиот сектор. Иако информациите говорат дека во текот на изминатата година производството на индустријата пораснало, сепак, овој најнов експлицитен податок на ДЗС дека работниците се намалуваат во индустријата е исклучително индикативен, бидејќи во комбинација со претходно споменатото (раст на индустриско производство), ова прашање го чини навистина интригантно.

Што велат меѓународните економско-финансиски институции, а што домашните познавачи

Странските економски институции, меѓу кои и Меѓународниот монетарен фонд, како и Светската банка, честопати укажуваат дека продуктивноста на работниците во Македонија е значително пониска отколку на работниците во развиените земји. Токму поради овој податок, ММФ во својот последен извештај искажа загриженост, бидејќи нема знаци на раст на продуктивноста, а неосновано пораснала минималната плата.
Од овие причини „Нова Македонија“ побара мислење од домашните експерти каков импакт ќе има намалувањето на бројот на работниците во индустријата? Како да се дојде до поголема продуктивност на македонските работници? Со кои механизми може да се подобрат продуктивноста и бројноста на опфатот на работниците во индустријата?
– Сигналот за намалување на бројот на вработени лица во индустријата, во период кога немаме зголемување на продуктивноста на работниците, и во период кога не се вложува значително во нова технологија, која ќе ја поттикне продуктивноста, е уште еден јасен сигнал дека индустрискиот сектор започна да се соочува со првичните ефекти од иселувањето од Македонија. Од пред извесен период започнаа алармите од индустријата дека недостигаат работници, појава што од поодамна е присутна и посебно карактеристична за занаетчискиот сектор, но сега истата таа се шири и во индустријата – вели економистот Здравко Савевски.
Тој истакнува дека иако веќе има реакции од страна на индустрискиот сектор, кој започнал со благо зголемување на платите, додава дека тој раст не е доволен да се запре иселувањето, кое, според него, и во следниов период уште повеќе ќе се зголемува, особено ако се има предвид дека наскоро Германија ги отвора вратите за работниците од регионот.

Глобалните фактори, во комбинација со силните домашни, влијаат на одлив на работниците

Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на бројот на работниците во индустријата во декември 2019 година, во однос на декември 2018 година, изнесува 97,6, ова значи дека за споменатиот период имаме намалување од 2,4 проценти. Индексот на бројот на работниците во индустријата во периодот јануари – декември 2019 година, во однос на периодот јануари – декември 2018 година, изнесува 98,4, односно е регистриран пад од 1,6 отсто.
– Она што го набљудуваме во 2019 година кај индустријата е дека вкупното производство пораснало, додека бројот на работниците се намалил. Продуктивноста е однос од овие две компоненти. Генерално, падот на работниците во индустријата е детерминиран од недостигот од соодветно квалификувана работна сила, што индустријата особено го чувствува. На пример, компаниите што работат во ТИРЗ се во постојан процес на регрутација на работна сила, дел поради флуктуацијата (за што свое влијание врши и иселувањето), а дел поради потребата од нови работници. Сепак, не треба да ги занемаруваме глобалните фактори, кои во 2019 година беа во состојба на благо забавување, што во голема мера беше рефлексија на затегнатите трговски односи помеѓу САД и Кина. Тоа неминовно се одразува на нашата индустрија, кај која забележуваме забавување на растот во 2019, а во декември 2019 г. забележуваме и пад. Дали тој е од еднократна природа, во моментов не можам да оценам, треба да почекаме и да видиме како ќе се одвиваат индустриските показатели во 2020 г. – истакнува професорот Марјан Петрески.

Алармот го вклучи истражувањето на Светска банка, но кој да биде алармиран и мобилизиран?

Светската банка пред неколку месеци алармираше дека од Македонија се иселени половина милион граѓани, од кои повеќето се работоспособни, а една третина се високостручни од ИТ-секторот. Светските банкари предупредија дека мора да се преземат чекори за да се спречи одливот на високообразовани кадри, бидејќи ќе се доведе во ризик функционирањето на целата економија, но и одржливоста на пензискиот и на здравствениот фонд.
– Ако не се преземат конкретни чекори само ќе се мултипилицира проблемот. Досегашните мерки што ги презема Владата беа благ поттик за раст на платите, но потребни се уште подрастични мерки. Во изминатиов период и компаниите го проширија спектарот на барање работници во поширокиот регион, на пример компанија од Кавадарци бара и ангажира работници од Валандово. Но оваа практика не е баш функционална, и ваквите минорни мерки не се доволни. Земјата е длабоко заглавена во коруптивноста и дополнително граѓаните се незадоволни од квалитетот на услугите што ги обезбедува државата, почнувајќи од образованието, преку здравството и преостанатите сектори – додава Савевски.
Според Савевски, за да се спречи иселувањето, а со тоа и намалувањето на работниците во индустријата, се неопходни мерки со кои ќе се подобри квалитетот на услугите што ги обезбедува државата.
– Мерките што досега се спроведуваат се млаки, не се доволни да се спречи иселувањето. Еден од краткорочните механизми што може да даде ефект е раст на цената на трудот, но неопходни се и порадикални економски и социјални мерки, кои ќе придонесат за задржување на работниците и за стопирање на иселувањето – заклучува Савевски.

Фото: Игор Бансколиев

Пад на бројот на работниците во индустријата

Сектор Процент

Рударство и вадење камен 1,5 %

Преработувачка индустрија 2,6 %

декември 2019 година, во
однос на декември 2018 година