Без пченица ќе бидеме гладни

269
Фото: Игор Бансколиев

Лесно може да дојде до недостиг од пченица, особено поради проблематичните временски услови годинава, кои го намалија родот низ целиот свет, во САД, Австралија и во Европа

Се намалуваат површините врз кои се одгледува пченица, а и оние што се посадени со оваа житна култура даваат слаби приноси, пониски од европскиот просек, но и слаб квалитет. Деновиве во јавноста зачестија расправиите меѓу надлежните и производителите околу цената по која се откупува македонската пченица. Но, во Македонија голем проблем се просечните приноси на пченица по хектар, кои се движат околу 3 илјади килограми. Притоа поголеми приноси имаат земјоделските претпријатија отколку индивидуалните земјоделци. Една од најдобрите години за производство на пченица била 2016 година, кога задругите извадиле 5.051 килограм по хектар пченица, а индивидуалните земјоделци 3.567 килограми.

– Покрај приносите, еден од главните проблеми што ја следат македонската пченица е и квалитетот, кој е пресуден за нејзината цена. За солидни приноси треба да се исполнат повеќе предуслови, покрај квалитетно семе, соодветен период на сеидба, употреба на современа агротехника и мерки за заштита, но неопходни се и добри временски услови – вели професорот на Катедрата за житни култури на Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ), Дане Бошев.

Професорот истакнува дека најбитно е прво да се направи анализа на земјата, за да знае земјоделецот со кои ѓубрива да ја прихранува истата таа. Анализи на земјата што се сее треба да се прават на 4 години. Тој истакнува дека за одгледување пченица најбитно е земјата да содржи доволно калиум и фосфат, па по направената анализа ќе се знае колку и кој од овие типови треба да се стави наесен кога земјиштето се обработува, поточно кога се прави длабоко орање.

– Подоцна, во текот на растењето на пченицата, може да се ѓубри уште двапати, еднаш во февруари и вторпат кога пченицата ќе биде 20-30 сантиметри порасната. Понекогаш може и со едно ѓубрење во февруари со азотни ѓубрива. Доколку се појави плевел земјоделците треба да користат средства што ќе го уништат плевелот и ќе може пченицата да расте без проблем. Во април или мај, ако е многу врнежлив периодот може да се појавуваат болести кај пченицата, и треба да се изврши третирање со фунгициди – објаснува професорот.

Бошев истакна дека освен обработката и прихранувањето на земјата многу е важно да се практикува плодоред, односно да не се сее истата култура повеќе години едноподруго. Професорот вели најдобро е една година да се сее пченица, па другата година грав, соја или леќа, па третата година пак пченица, потоа да се смени и да се посадат компири, или градинарски продукти, па земјоделците пак да се вратат на пченица. Ваквиот начин на обработка на земјата е добар за заштита на почвата.
– Кај нас претежно се сее една култура, поради што се осиромашува земјата со хранливите продукти што ѝ се потребни на таа култура и потоа се намалуваат приносите. Би требало не повеќе од две години да се сее пченица, па да се смени, па пак да се посее пченица. Само така ќе се постигнат подобри резултати – кажа Бошев и додаде дека, според него, проблематичен е и начинот на кој се утврдува квалитетот на пченицата.

Професорот смета дека е многу важно државата сама да ги задоволува своите потреби од пченица бидејќи секогаш може да се случи на светските берзи цената да порасне поради недостиг. Додава дека и годинава се очекува раст на цените поради намалените приноси во светот, и укажува дека и соседна Србија веќе извезува, па може да се случи и кај нас да се зголеми цената. Поради ваквите непредвидливи ситуации, според него, многу е важно државата сама да ги задоволи своите потреби од лебно жито.
И Народна банка во својот квартален извештај забележа дека „порастот на цените на храната, пред сѐ пченката и пченицата се поврзува со поголемата побарувачка за овие производи во светски рамки, како и со неповолните временски услови што ги зафатија САД, Европа и Кина“.

Огнен Оровчанец, претседател на Агробизнис-комората при Сојузот на Стопански комори на Македонија, исто така посочува дека лесно може да дојде до недостиг од пченица, особено поради проблематичните временски услови, кои го намалија родот годинава. Тој истакнува дека цените на светските берзи растат бидејќи производството во САД, Австралија, па и Војводина се намалени, па логично е цената да оди нагоре.
– Има доста мерки што можат да влијаат врз поголем принос на пченицата, но сепак, временските услови значително влијаат врз оваа култура. Ние не можеме да произведуваме колку Војводина пред сѐ поради природни предиспозиции, време, врнежи, низината… Но, тоа не значи дека треба да се откажеме, напротив мора да се сее пченица, таа е важна за прехрана на населението. Ние имаме драстично намалени површини врз кои се сади пченица, но сигурен сум дека со растот на цената ќе се зголеми и интересот за нејзино одгледување – истакна Оровчанец, сопственик на компанијата „Агроунија“.