Без иновативност нема конкурентност

49

ЕУ-фондовите недоволно се искористуваат, пред сѐ, поради комплексните апликации што ги нудат програмите и капацитетот на нашите мали и средни претпријатија

Зајакнување на капацитетите на малите и на средните претпријатија (МСП) за искористување на расположливите ЕУ-фондови со што ќе се зајакне и нивната конкурентност, како на национално, така и на меѓународно ниво, е целта на бизнис-форумот „Подобрување на соработката и интеракцијата помеѓу клучните актери во процесот на развој на конкурентноста на националната економија“ што се одржа вчера во Скопје.

Како што посочи Александра Каракашова Сачкарска, тим-лидерка на проектот „Јакнење на локалните бизниси за глобалните предизвици“ во чии рамки се организира форумот, проектот се состои од неколку компоненти. Првата е зајакнување на капацитетите за искористување на фондовите од ЕУ-програмите преку реализирање тренинзи и обуки, втората е примена на стекнатите знаења во практика, а третата компонента е зајакнување на соработката меѓу МСП, невладините организации, бизнис-секторот, јавните и образовните институции.

– Бизнис-форумот е дел од третата компонента и веќе е потпишан меморандум за соработка меѓу МСП, јавните и образовните институции, стопанските комори и бизнис-секторот за подобрување на нивна соработка за заедничко планирање активности и настап на ЕУ-фондовите – информира Каракашова Сачкарска.
Прашана зошто домашните компании тешко ги користат ЕУ-фондовите, таа посочи дека во текот на овој проект, како проблем ги увиделе комплексните апликации што ги нудат програмите и капацитетот на нашите МСП.

– Многу често тоа се мали претпријатија, кои имаат само неколку вработени и немаат доволно ниту човечки ресурси, ниту капацитети за да земат и да го истражат подобро, да подготват предлог-проект, а од друга страна се комплексните критериуми, технички и финансиски, кои тие треба да ги исполнат за да можат да ги задоволат барањата во таква една спецификација – вели Каракашова Сачкарска.
Таа додаде дека државата им помага на МСП преку Фондот за иновации и технолошки развој, Агенцијата за поддршка на претприемаштвото и низа други програми и проекти што се финансирани од ЕУ.

Професорот на Машинскиот факултет во Скопје, Радмил Поленаковиќ, истакна дека без иновативност нема конкурентност, но и дека нашите мали и средни компании во изминатите години поинтензивно се фокусирале на оваа проблематика.
– Нашите мали и средни компании во изминативе неколку години поинтензивно се фокусираат и на оваа проблематика бидејќи и самиот екосистем во државата полека зрее и мислам дека со формирањето на неколку институции, пред сѐ Фондот за иновации, каде што се фокусирани големи пари за развој на иновативноста кај МСП, допрва ни претстои еден бум, кој ќе ја зголеми конкурентноста кај нашите фирми – смета професорот Поленаковиќ.

Тој додава дека она што недостига е врската со универзитетите, односно дека многу мал број од факултетите имаат директна соработка со стопанството.

– Решението како да се надмине тоа има два начина. Ние на Машинскиот факултет сме можеби позитивен пример каде што самите компании доаѓаат, лоцираат проблем и колегите заедно со студентите работат во проектни тимови за решавање на тој проблем. Веќе неколку компании имаат донирано и средства и опрема во насока на развој на нови производи, кои заедно, нашите студенти, професори, со ментори од стопанството ги развиваат – вели Поленаковиќ. Е.Р.