Фото: Игор Бансколиев

Со ребаланс на буџетот, Владата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување му додели дополнителни 660 милиони денари, a со тоа продолжува трендот на зголемување на буџетските пари што секоја година се префрлаат во ПИОМ, бидејќи без тоа фондот не би имал доволно средства за редовна исплата на пензии

Пензискиот систем во Македонија е осуден на пропаст ако драстично не се реформира и не се зголеми бројот на вработените. Сегашниот сооднос на бројот на пензионери со бројот на вработени сигнализира дека натамошното функционирање на пензискиот систем, кој се темели на принципот на генерациска солидарност, исплата на пензиите на пензионери од придонесот што го уплаќаат вработени, полека станува неодржлив, алармираат економистите, велејќи дека секоја година на фондот му недостигаат сѐ повеќе пари за да исплатат пензии и поради тоа мора да бидат префрлени од буџетот на државата.

Со изгласаниот ребаланс на буџетот, Владата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување му додели дополнителни 660 милиони денари. Со тоа продолжува трендот на зголемување на буџетските пари што секоја година се префрлаат во ПИОМ, бидејќи без тоа фондот не би имал доволно средства за редовна исплата на пензии. Ваквата незавидна состојба во која се наоѓа ПИОМ трае со години, а главна причина за тоа е што бројот на пензионери расте побрзо од бројот на вработени.
Во најновиот извештај на Државниот завод за ревизија, за работењето на ПИОМ во текот на 2017 година, се укажува дека за покривање на дефицитот во ПИОМ лани од државниот буџет биле префрлени 28,4 милијарди денари, што е зголемување за 7 отсто во однос на 2016 година.

– Средствата што се одвојуваат од централниот буџет на Македонија до ПИОМ за покривање на дефицитот на име трансфери, континуирано се зголемува секоја година при што учеството на овие средства во вкупните приходи се движи од 15,7 милијарди денари или 35,7 отсто од вкупните приходи во 2011 година до 28,4 милијарди денари или 43,6 отсто во 2017 година – пишува во извештајот.

Оттаму велат дека вкупниот број осигуреници во 2017 година изнесува 575.574, што во однос на 2016 година е зголемување за 5.406 осигуреници. Соодносот на бројот на осигуреници (вработени) и бројот на пензионери во периодот 2011-2017 година има тренд на побрз пораст на бројот на пензионери отколку на бројот на вработени.
Експертите предупредуваат дека се неопходни реформи за постигнување одржливост на пензискиот систем. Некои од нив сметаат дека е потребно зголемување на старосната граница, но во комбинација со минимално зголемување на процентот за придонеси.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека не размислуваат да ја зголемува старосната граница за пензионирање и тоа нема да биде дел од пензиската реформа.

– Анализите за реформата се во тек и она што можеме да го кажеме во овој момент е дека реформата опфаќа пакет мерки за стабилизирање на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, но ниту една од нив не се однесува на покачување на старосната граница за пензионирање – напоменуваат од Министерството.
Од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, велат дека дефицитот во пензискиот систем во Македонија има тренд на пораст и дека ваквиот тренд се должи на неколку фактори.

– Прво, настанаа структурни промени во поставеноста на пензискиот систем: транзиција од едностолбен во тристолбен систем во 2006 година, и намалување на стапката на придонеси од 21,2 на 19 отсто во 2009 година, и понатаму на 18 отсто во 2010 година, што заедно придонесе за намалување на изворните приходи на фондот. На страната на расходите, во периодот 2006-2016 година, пензиите беа зголемувани во повеќе наврати, во износи што најчесто го надминуваа износот предвиден со законското усогласување – објаснуваат од „Фајненс тинк“.

Оттаму велат дека клучни фактори што влијаат врз одржливоста на пензискиот систем се демографските промени, движењата на пазарот на трудот и усогласеноста на пензиите со потенцијалот на економијата.

– Исто така, стареењето на населението, падот на стапките на фертилитет, зголемувањето на очекуваниот животен век се некои од факторите што предизвикуваат притисок врз традиционално поставените пензиски системи за да бидат тие одржливи, праведни и ефикасни – сметаат од „Фајненс тинк“.

Оттаму велат дека за да се постигне одржливост на пензискиот фонд не треба да има ниту зголемување на пензиите надвор од законското усогласување, ниту воведување популистички мерки, кои ќе предизвикаат дополнителни оптоварувања на фондот.
– Потребно е товарот од реформата да биде споделен помеѓу генерациите, преку комбинирани мерки од пораст на стапката на придонеси и границата за пензионирање. Притоа, порастот да е скалест и постепен, а поместувањето на старосната граница да води сметка за вработените во трудово-интензивните сектори и лицата со стаж подолг од 35 години – нагласуваат од „Фајненс тинк“.

Според анализата на институтот, првите ефекти од реформата би се почувствувале веднаш, а по пет години заштедите би се движеле околу 90 милиони евра годишно.
Претседателот на Организацијата на работодавци на Македонија (ОРМ), Ангел Димитров, нагласува дека проблемот со пензискиот фонд не е карактеристика само за Македонија и скоро да не постои земја во светот, која не е соочена со стареење на населението и со недостигот од средства за исплата на пензиите.

– Карактеристиката на Македонија е што покрај овие проблеми во последниот период свесно заради привлекување странски инвеститори, но и за субвенционирање нови вработувања во домашни фирми се ослободуваа од плаќање придонеси компаниите и вработените, а никој за овие вработени не уплаќаше придонеси во фондовите. На овој начин не само што се зголемуваше недостигот од средства за исплата на пензиите денес, туку се предизвикуваше и недостиг од средства за идните години кога овие лица ќе го исполнат правото за пензија – истакна Димитров.

Тој вели дека решенијата за оваа состојба се зголемување на старосната граница, зголемување на стапката на придонесот, зголемување на основицата, помала стапка на пораст на пензиите во однос на БДП и растот на платите во стопанството.

– Моето мислење е дека едностраните решенија ќе решат еден проблем, но истовремено ќе предизвикаат друг. На пример, зголемувањето на стапката на придонесот ќе ја намали конкурентната способност на домашните компании и ќе ги демотивира работодавците да отвораат нови работни места и негативно ќе влијае на стапката на невработеност. Зголемувањето на старосната граница ќе биде многу нехумано решение за вработените во земјоделството, градежништвото и некои преработувачки индустрии и ќе се случи вработените да не можат да дочекаат пензија, а повеќе од 40 години уплаќале придонес за пензиско и инвалидско осигурување. Затоа едностраните и едноставните решенија се погрешни – укажува Димитров.

Како што појаснува тој, потребна е добра анализа по сектори и да се направи комбинирано и сеопфатно решение, кое нема да биде исто за сите работници и за сите сектори.

– Потребата дел од средствата за пензионирање да се обезбедуваат од буџетот е неопходна и без тоа не се може. Но буџетот се полни од најразлични извори и овде постојат многу различни можности тој товар да се распредели поправично – смета претседателот на ОРМ.

Фото: Маја Јаневска-Илиева