Ајварот хит на „Деновите на македонската зимница“ во Москва

152

Лутеница, пинџур, пиперки со урда, гамби, печени пиперки во тегла, корнишони, слатка, мармалади од смокви и лубеница, македонско гравче во тегла, ѓувеч, се производите изложени на „Денови на македонската зимница“ во Москва.

Иако интересот за нив е голем, хит за руските трговци и дистрибутери е ајварот.

– Промотивниот настап на македонските преработувачи на зеленчук и овошје само потврди дека руските и граѓаните на земјите од Евроазиската унија во иднина ќе имаат можност многу повеќе да купуваат македонска зимница – велат од Македонско-руската стопанска комора.

Манифестацијата се одржува од 25 до 28 март во комплексот „Фуд сити“. Ја организираат Македонско-руската стопанска комора и Македонската асоцијација на преработувачи со финансиска поддршка на Министерството за земјоделство , а учествуваат пет македонски компании: „Вори“ и „Випро“ од Гевгелија, „Ларс“ од Штип, „Дим комерц“ од Нов Дојран и „Аграр Ко“ од Кочани.

Претставници на компаниите денеска одржаа билатерални средби со руски бизнисмени, а на промоцијата присуствуваа и трговци од Казахстан, Ерменија и Грузија, претставници на Евроазискиот деловен сојуз, како и Димитри Бистров, регионален директор на одделот за меѓународна соработка на Стопанската комора на Руската Федерација.

Бистров вети целосна поддршка за поголем влез на македонски производи на рускиот пазар од страна на најголемата деловна мрежа во Русија.

– Драго ми е што македонските производители и преработувачи доаѓаат најмалку двапати на саемски манифестации во Русија. Тоа е патот и за поголем пласман на стоки на овој пазар. Потребни се почести средби и радува фактот што тоа и се случува – рече Бистров.

Во „Македонски дом“ и во најголемиот земјоделски кластер во Москва дојдоа претставници на македонската конзервна индустрија, која е целосно извозно ориентирана, но за жал засега малку присутна во Русија, состојба која очекуваме брзо и наскоро да се промени.

– Битно е што размената со Руската Федерација и на стартот од годинава продолжува да расте, особено македонскиот извоз, а нашите напори се тој тренд да продолжи со доаѓање нови производи за руските потрошувачи – истакна извршниот директор на Македонско-руската стопанска комора Дејан Бешлиев.

Според Сашо Ристовски, секретар на Македонската асоцијација на преработувачи на овошје и зеленчук (МАП), лани 32 членки на деловната асоцијација извезле вкупно 45.000 тони конзервирано овошје и зеленчук пред се во западноевропските и прекуокеанските земји, а од тоа само 121 тон во Русија.

– Во МАП не сме задоволни со ваквите бројки и заедно со Македонско-руската стопанска комора ќе се обидеме далеку поголем број конзервни производи да се најдат на овој пазар. Денешната средба е само прв чекор во тој правец – додаде Ристовски.

Македонските претставници од конзервната индустрија имаа средби и со бизнисмени и сопственици на трговски ланци од дел од земјите на Евроазиската унија и со трговци од одделни руски региони.

– Нашите две држави имаат моментални политички проблеми, но ние треба со економски средства да придонесеме тие да се надминат. Ние сме заинтересирани, не само за увоз на македонски производи, туку и за соработка во областа на туризмот – порача Александар Михајлов, директор на „Козачкиот дом“ во „Фуд сити“.

Македонските бизнисмени вчера посетија повеќе трговски маркети во Москва: „Ашан“, „Магнолија“, „Верна универзум“, „Патерочка“, „Азбука вкуса“…, се запознаа со асортиманот, начинот и основните услови кои треба да ги имаат и македонските производи за да се најдат пред руските потрошувачи.