Анѓушев: Универзален снабдувач може да биде секој лиценциран трговец на електрична енергија

428

ЕЛЕМ под надлежност на Владата, МЕПСО под Министерството за транспорт, а МЕР под Министерството за економија

Универзален снабдувач со електрична енергија ќе се избере 90 дена откако ќе стапи во сила на новиот Закон за енергетика. Овој снабдувач ќе им продава струја на граѓаните што нема да купуваат струја од слободниот пазар. Ова се дел од измените што се планираат со новиот предлог-закон за енергетика што од вчера е поставен на ЕНЕР. – Универзален снабдувач може да биде секој лиценциран трговец на електрична енергија што ќе одлучи да формира таква компанија – појасни вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев. Меѓу другото тој додаде дека не очекува цената на електричната енергија за домаќинствата да порасне драстично и по целосната либерализација на пазарот.

– Цената на електрична енергија за домаќинствата се гарантира со две работи. Прво ЕЛЕМ во првата година со 80 отсто од своето производство ќе го снабдува универзалниот снабдувач со електрична енергија, кој се воведува со овој закон. Се воведува гарантирана цена на енергијата и дополнително се воведува процес на надминување на енергетска сиромаштија што ќе придонесе да се надминат состојбите – објасни Анѓушев.

Во план е во наредните години, информира Анѓушев, ЕЛЕМ да ги намалува количествата електрична енергија наменети за универзалниот снабдувач на електрична енергија и до 2025 година да го сведе на 30 отсто. Како што информираа на вчерашната прес-конференција, предлог-законот за енергетика во кој се вклучени сите забелешки што беа изнесени на јавните расправи во изминатите неколку месеци и дадени преку ЕНЕР, од вчера повторно е поставен на ЕНЕР и во наредниот период ќе биде пуштен во собраниска процедура. По предлог-законот е определено Владата да продолжи да биде одговорна за ЕЛЕМ, МЕПСО да потпадне под надлежност на Министерството за транспорт и врски, а Македонски енергетски ресурси (МЕР) под Министерството за економија. По усвојувањето на новиот закон за енергетика во рок од 90 дена е предвидено да се направи ротација на комесарите во Регулаторната комисија за енергетика односно да се избере нов претседател и два нови члена.

Законот за енергетика, нагласи Анѓушев, е усогласен со пет европски директиви и три регулативи и овозможува целосна либерализација на енергетскиот сектор односно секој потрошувач по сопствен избор и со сопствено договарање да може да избере снабдувач со електрична енергија и гас. Одговарајќи на прашање, Анѓушев најави дека со посебен правилник во Законот за енергетика ќе се регулира проблемот на исклучените од парно греење во Скопје и додаде дека ќе се направи сѐ за граѓаните да не плаќаат услуга што не ја добиваат. Потврди дека на Економскиот совет на Владата се разговарало за изградба на хидроцентралите „Чембрен“ и „Галиште“ и се заклучило дека треба да се градат во изменет облик и додаде дека по 11 неуспешни тендери сега очекува да се најде начин да се изградат хидроцентралите.